Почна реконструкцијата на основните училишта во општина Аеродром

Министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски денеска го посетија основното училиште „Браќа Миладиновци“ и со тоа го означија почетокот на проектот „Реконструкција на училиштата во општина Аеродром“. 

- Средствата за оваа реконструкција целосно се обезбедени од буџетот на општина Аеродром, што е позитивен пример за континуирани инвестиции од една општина во образованието, за своите жители, рече Кралев.

Ние како Министерство, потенцира Кралев, континуирано изнаоѓаме средства и ги поддржуваме општините во нивните напори за инвестиции во инфраструктурата во образованието.

Тој рече дека општините имаат обврска за овие инвестиции, согласно процесот на децентрализација, и оти имаат средства кои редовно ги добиваат од МОН преку дотации.

Според него, општините потребно е континуирано да обезбедуваат средства и од сопствените буџети со цел подобрување на условите за образование.

- Почнуваме официјално со реконструкција на основното училиште „Браќа Миладиновци“. Предвидено е да се промени азбестниот покрив, прозорците, подот и фасадата на ова училиште. Целата инвестиција на општина Аеродром за реконструкција на основното училиште „Браќа Миладиновци“ е 250 илјади евра, рече Коневски.

Во буџетот на општина Аеродром за 2012 година, посочи Коневски, имаме предвидено 90 милиони денари за реконструкција на сите основни училишта во нашата општина.

Коневски изрази надеж дека до почетокот на новата учебна година ќе се подобрат условите во основните училишта во општина Аеродром.

Според него, тоа е резултат на добрата соработка со Министерството за образование и во инвестирањето во обновата на основните училишта во општина Аеродром.

На територија на општина Аеродром има седум основни училишта, а „Браќа Миладиновци“ е прво основно училиште кое целосно се реконструира. Реконструкцијата треба да заврши за три месеци. Останатите шест училишта предвидено е да се реконструираат во 2012 година.

Градежните активности ги извршуваат фирмите „Инком“ и „Микомерц“.