Владата усвои нацрт-закон за нов државен грб

Владата на Република Македонија вечерва на сендица го усвои нацрт- законот за нов државен грб. Новиот државен грб за кој ќе следува јавна расправа, како што велат од Владата ќе постигне поголема обединетост на граѓаните заради елементите кои се содржани во него.

Предложениот нов државен грб содржи црвен разгневен лав во златно – жолт штит со мурална круна во форма на тврдина во горниот дел.

Причините кои се образложени во предлогот, се враќање кон историските симболи. Македонија и Белорусија се единствените земји во Европа кои се уште користат амблеми инспирирани од советска хералдика.

-Сегашниот грб на Република Македонија е во целост дизајниран според грбот на Советскиот Сојуз, според кој беа дизајнирани и грбовите на сите Советски Републики. Задолжителните елементи на сонце, ѕвезда петокрака, житни класје поврзани со лента со народни мотиви, го симболизираа посветлото опшество на комунизмот до кое се доаѓа преку трудот на работничката класа и земјоделците, стои во предлогот.

Новиот дизајн на црвениот лав е базиран на историските грбови, илустрациите на Верланд од 1481 и грбовникот на Бароад од 1581 кој преку стемографиите на Витезовиќ во 1694 и Жерафовиќ во 1741 станал и земски грб на Македонија.

Златно - жолтата круна која е украсена со бисери и рубини треба да го симболизира републиканското уредување на државата.

-Со тоа се цели да се истакне и прикаже суверенитетот и интегритетот на државата. Со донесување на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји, како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори, се наведува во предлогот.