Душко Арсовски

Душко Арсовски е новинар со повеќе од 20 годишно искуство. Од 2012 е уредник за надворешна политика во МРТ, уредник на централниот дневник и во еден период заменик главен уредник на Информативната програма. Претходно работеше како новинар/продуцент и шеф на дописништвото на Би-Би-Си на македонски во Скопје. Во својата кариера, тој две години беше уредник/водител на вестите на ТВ Алфа како дел од тимот којшто ја основаше телевизијата во 2008. Кариерата ја започна во Македонското радио, во програмата за деца, во 1998. Подоцна работеше во скопската телевизија Скај Нет, од каде во 2003-та премина во Македонската Телевизија каде работеше како новинар за надворешна политика, а подоцна и уредник на Дневникот.  

Дипломираше интердисциплинарни студии по новинарство на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје во 2001. Во 2017 стана магистер по Меѓународни односи- разрешување конфликти на Филозофскиот Факултет при УКИМ во рамките на ТЕМПУС програмата. Автор е на трудот „Процес на помирување во Македонија преку интервјуа на релевантни политичари 10 години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор“.

Во академската 2003/2004 беше на стручно доусовршување, во областа на новинарството на Дражавниот Универзитет на Ново Мексико, САД, со стипендија од Стејт Департментот.

Добитник е на наградата на Делегацијата на Европската Унија во Македонија- „Прашање на годината“ во 2005, за известувањето од ЕУ самитот во Брисел на кој Македонија доби статус земја-кандидат за членство во Унијата. Во 2006 доби Сертификат од Делегацијата на ЕУ во Македонија за „Специјални достигнувања во известување за прашања поврзани со ЕУ“.

Од 2006 до 2010 беше член на Извршниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија.

Како граѓански активист тој е ко-основач на невладината организација „Диверзити медиа“ којашто од 2011 е насочена кон промоција и поддршка на независното новинарство и високите стандарди во известувањето.

Во 2015-2016 беше член на работната група под покровителство на Би-Би-Си која го изработи новинарскиот Правилник и Кодекс на МРТВ за покривање на избори.

Од 2013 до 2017, во два мандати, е член на Одборот за доделување на државната награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“.

Од 2014 е член на Колегиумот на НВО Прва Детска Амабасада во светот „Меѓаши“.

Бил обучувач за новинарство и односи со јавност на работилници организирани од ОБСЕ/ОДИХР, МЦМС, Младински Образовен Форум, Democracy Lab ( заедно со Мрежата на млади новинари и на Амбасадата на САД во Македонија) и за компанијата Ла Рош.

Душко Арсовски е роден во 1977 во Куманово.