Јавен повик за финансирање на предлог проекти преку Инструментот за поддршка - Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“

Институција која огласува: 
Фонд за иновации и технолошки развој
Рок на пријавување: 
11.12.2018

 

Врз основа на член 25 од Закон за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2013, 137/2013, 41/2014, 44/2015, 6/2016, 53/2016, 190/2016 и 64/2018), Правилникот за управување на инструментите за поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој и Правилникот за ко-финансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“, Фондот за иновации и технолошки развој на 22.10.2018 година објавува Јавен повик за поднесување предлог проекти за финансирање под Инструментот за поддршка - Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“.

 

Опис на инструментот за поддршка

Инструментот има за цел да го поттикне нивото на иновативност преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности на истражување и развој на „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија. Дополнително се очекува со овој инструмент да се поттикне културата на преземање на ризик и иновација, и да се обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес или услуга.

Инструментот поддржува проекти кои се во фаза на „потврден концепт“ (proof of concept) до предкомерцијална (предпазарна) фаза и со реален план за комерцијализација.

Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) - „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја во фаза на „потврден концепт“ со солидно очекување за комерцијализација.

Целта е поттикнување на иновативноста кај компаниите, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст, како и пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни, односно комерцијални активности преку формирање на спин-оф претпријатија.

Со јавниот повик е предвидено ко-финансирање најмногу до 85% (осумдесет и пет проценти) од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 (триесет илјади) евра. Преостанатите 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот (средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за ко-финансирање од страна на апликантот).

 

Критериуми за подобност на апликант

Подобни за финансирање под овој инструмент се апликантите кои ги исполнуваат следните критериуми:

  • правно лице основано во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на РМ;
  • да не поминале повеќе од 6 (шест) години од денот на основање на апликантот до денот на аплицирање;
  • новоосновано, микро, мало или средно претпријатие (до 250 вработени);
  • да е со мнозинска македонска сопственост (50,1 % или повеќе);
  • да е во сопственост на физичко лице/а и/или микро, мало, или средно претпријатие (со мнозинска македонска сопственост со 50,1% или повеќе) и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност (со сопственички удел во апликантот до 20%);
  • годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 1.000.000,00 (еден милион) евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • да не е капитално поврзано (согласно Законот за трговски друштва) со друго претпријатие каде што збирните годишни приходи на двете претпријатија надминуваат 1.000.000,00 (еден милион) евра во претходните две години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
  • да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двесте илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако е активен во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да не е претпријатие во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието); и
  • да не се занимава со производство на јаглен.

 

Подобни активности за финансирање:

Прифатливи активности за финансирање се:

  • Активности за истражување и развој
  • Развој на пилот линии
  • Активности за тестирање
  • Услуги поврзани во интелектуална сопственост
  • Дизајн

Горенаведената листа на активности не е ограничувачка.

 

Подобни трошоци за финансирање:

Прифатливи трошоци за финансирање се:

  • Бруто плати (само за вработени кај апликантот). Износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот;
  • Купување и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • Поддоговорни услуги за истражување и развој (пр: тестирање, лабораториски услуги и сл.);
  • Ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
  • Ангажирање на експерти/советници за останати потреби дирекно поврзани со очекуваните резултати на проектот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на средства и капитал, бизнис развој, маркетинг, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
  • Подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и индустриски дизајн;
  • Канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и останати видови на административни трошоци во максимален износ од 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет на проектот. Средствата за канцелариска и деловна поддршка се доделуваат на квартална основа, како вкупен износ, за подставките за кои постои доказ за направен трошок.

Само трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, ако се во согласност со одобрениот буџет на проектот и правилата и процедурите на Фондот се подобни за финансирање.

 

Критериуми за евалуација на проектот:

При оцената на предлог проектот се користи Табела за оцена на предлог проектите која ги содржи следните главни критериуми за оценување:

  1. Степен на иновативност
  2. Квалитет на проектот
  3. Капацитет на проектниот тим
  4. Пазарен потенцијал
  5. Влијание

Оценувањето се врши во две фази: претселекција и селекција.

 

Времетраење на проектот:

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 12 (дванаесет) месеци.

За повеќе информации, можете да го погледнете Правилникот за инструментот за поддршка на новоосновани трговски друштва „старт ап“ и „спин оф“.

 

Награден фонд

За финансирање проекти под овој повик за овој инструмент обезбеден е вкупен износ од 1.000.000 (еден милион) евра, односно 61.500.000 (шеесет и еден милион и петстотини илјади) денари.

 

Начин на аплицирање:

За да аплицира апликантот треба да:

  • ги преземе обрасците преку „Преземи документација“;
  • уредно да ги пополни, потпише и печатира обрасците за Проектна апликација, Буџет на проектот, Изјава на апликантот за прифаќање на условите на Фондот и Изјава за животна средина;
  • да поднесе кратки биографии на главните лица ангажирани на проектот (најмногу за пет лица);
  • да поднесе извод од Тековна состојба од Централниот регистар на Република Македонија не постар од 6 (шест) месеци;
  • да поднесе Биланс на успех поднесен во Централен регистар на Република Македонија за претходните две години, освен за претпријатија кои се регистрирани во истата година кога е поднесен предлог проектот;
  • да поднесе Изјава за сопственичка/основачка структура на Апликантот (заверена на нотар).

Проектната апликација, буџетот на проектот и биографиите треба да бидат пополнети на македонски и на англиски јазик и во PDF формат да се прикачат на формуларот за аплицирање достапен на следниот линк: www.fitr.mk/startapuvaj со клик на копчето „Аплицирај“.

Останатата документација треба да биде доставена само на македонски јазик.

 

Рок на аплицирање:

Аплицирањето на јавниот повик трае заклучно со 11.12.2018 година, до 23:59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог проекти доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

 

Дополнителни информации:

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во Правилникот за инструментот за поддршка на новоосновани трговски друштва „старт ап“ и „спин оф“ и целосниот текст на повикот.

За сите дополнителни информации можете:

  • да не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса ул. ГТЦ, локал 6 Д.Е. 220, Скопје, Р. Македонија
  • да ни пишете на електронската адреса startapuvaj@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258

Со да цел да ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани и консултативни средби. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на нашиот Facebook профил.