Министерства

Здружението на граѓани „Избор” во Струмица отвори пекарница којашто ќе функционира како социјално претпријатие. На отворањето присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово,  Давид Оберхубер и преставници од други иституции и организации.

„Денеска имам особена чест и задоволство да присуствувам на отвoрањето на оваа Бејгел пекара, каде што ќе се реинтегрираат лицата кои го завршиле процесот на ресоцијализиација и третман во терапевската заедница „Покров”. Поддршката на ваквите иницијативи ја обезбедуваме преку Оперативниот план за вработување, за кој оваа година издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари. „Избор” Струмица е пример за тоа како мерките предвидени со планот можат да помогнат. Ова е начинот на кој на сите треба да им биде дадена втора шанса, да се реинтегрираат и вратат на правиот пат и во иднина самите да придонесуваат за својата благосостојба“, изјави Царовска.

Канцеларијата на Германското друштво за интернационална соработка - ГИЗ, исто така која го препозна потенцијалот на „Избор”, и овозможи адаптација на просторот и набавка на потребаната опрема.

„Германското друштво за интернационална соработка - ГИЗ, ја препозна потребата за развој на социјалното претприемништво во овој регион, како нов модел за финансиска одржливост. За да се искористи потенцијалот и да се обезбеди социјална интеграција на ранливите групи, треба да го охрабриме нивното учество во економијата. Затоа, верувам дека оваа нова Бејгел пекарница во Струмица е одлична иницијатива и одличен модел,“ рече Директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер.

Сократ Манчев, Претседател на „Избор“ рече дека неговото Здружение на граѓани работи на советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависници од психотропни супстанци.

„Многу сум благодарен што ГИЗ и МТСП го препознаа потенцијалот на Здружението. Во текот на минатите две години преку Оперативниот план за вработување Здружението вработи 6 лица, а за Бејгел пекарницата ќе користи мерки од новиот ОП 2019, односно ќе добие поддршка за вработување на две млади лица до 29 години, и едно лице над 50 годишна возраст. Дополнително, МТСП обезбедува финансиска поддршка за Програмата за социјална ресоцијализација во Терапевтска заедница „Покров“, рече Манчев.

Во втората половина од 2019 година со поддршка на УНДП „Избор” Струмица, ќе започне да ја пилотира и професионалната рехабилитација, преку формирање на Центар за рехабилитација и преку верификација на програми за обука за ранливи групи на граѓани.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска беше дел од креативната работилница за деца, организирана по повод Светскиот ден на ретките болести.

 „Со ретка болест може да се соочи било кое семејство. Она што ние како Влада се стремиме да го направиме за нашите граѓани е да изградиме системска поддршка, со која нема да дозволиме ниту иднината на децата, ниту животот на луѓето со ретки болести и нивните семејства да биде дефиниран од нивната болест. Наша цел е да им овозможиме исполнето секојдневие, можности за развој и напредок на секој од нив“, изјави Царовска.

МТСП, заедно со Министерството за здравство, неодамна го отвори првиот мобилен сервис за здравствени и социјални услуги, а целта е ваквиот сервис да се воспостави низ целата држава. На овој начин се доближуваат услугите до граѓаните и се овозможува навремено препознавање на здравствените и социјални ризици во семејствата. Ова е особено важно, бидејќи дел од основните проблеми со кои се соочуваат лицата со ретки болести, се задоцнето откривање на болеста, и тешкотии во пристапот до третман и нега.

Со новиот Закон за социјална заштита МТСП ја воведува услугата за одмена на семејна грижа, односно се обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови, го подобрува квалитетот на животот на семејствата на лицата на кои им е потребна континуирана нега. Исто така, правото на скратено работно време поради нега на дете или лице со попреченост се зголемува и ќе изнесува до 50% од просечната плата, а за првпат се воведуваат услугите за персонална асистенција и услугата за помош и нега во домот.

Денешната работилница се одржа во Детскиот Креативен Центар, во организација на Националната Алијанса за ретки болести на РМ - НАРБМ, а со цел да ги запознае учесниците со различностите и ретките болести.

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, присуствува на вториот самит за дијаспора во Тирана. Самитот започна вчера на 28 февруари и ќе трае до 2 март.
Министерот Едмонд Адеми, денес  се обрати во панелот на тема: „Правото на глас! Нова државна политика за дијаспората“.

Адеми, во своето обраќање  истакна дека  новите политики треба да се стремат да ја вклучат дијаспората во креирањето на домашна политика.
„Со давање на дијаспората право на глас, таа станува поважна и по мотивирана за да придонесе за татковината. Правото на глас за дијаспората ја прави истата да не се чувствува како странец дома“.

Министерот понатаму истакна дека Владата на РСМ отиде чекор напред во зајакнувањето на соработката помеѓу дијаспората и државата. Истакнувајќи дека како Министер за дијаспора во соработка со други компетентни министерства и институции подготвија Национална  Стратегија за соработка со  дијаспората, која наскоро ќе биде и ратификувана. 

Стратегијата има за цел да обезбеди механизми за соработка меѓу државата и дијаспората. Продлабочување на културната соработка, младинските политики, градење на соработка во економската сфера и др.

„Државната стратегија за соработка со дијаспората ќе подразбира потреба за вклучување на повеќе институции. Ќе се обидеме да обезбедиме јавна одговорност од надлежните министерства и другите институции, како и од организациите на дијаспората за напредок и исполнување на целите и активностите“, рече министерот Адеми.

Во рамките на активностите во Тирана, министерот Адеми ќе се состане и со дијаспората на Северна Македонија.
Денешните активности во Тирана ќе бидат заокружени со учество на министерот Едмонд Адеми на Гала-вечер, во Палатата на конгреси.

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска присуствуваше на настанот по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на ретките болести, што се одржа во Младинскиот културен центар, во организација на Националната алијанса за ретки болести.

Министерот Филипче потенцираше дека обврска на Министерството за здравство е да се грижи за подобри услови и воведување на нови лекови за лицата со ретки болести. Овој ден кога е денот за подигнување на поголема свесност за ретките болести да биде само ден каде ќе констатираме напредок.

„Годинава значајно е зголемен буџетот за набавка на лекови за ретки болести и можност пациентите на кои во одреден период не им е поставена дијагноза да бидат пратени во странство. Луѓето со ретки болести со таа состојба живеат со години и изминативе две години работиме заедно со нив на инклузивен начин да ги решаваме проблемите. Минатата година буџетот за ретки болести беше 220 милиони денари, а годинава се одредени на 380 милиони денари, но со заложби на премиерот Зоран Заев тој буџет ќе се зголеми двојно или 450 милиони денари“, изјави министерот Филипче.

Минатата година се воведоа 3 нови лека, од кои еден за болеста фамилијарна амилоидна полиневропатија, апластична анемија и нов лек за болеста Гоше. Годинава се воведуваат уште на два нови лека, меѓу кои и нов лек во таблетарна форма за болеста Гоше.

Тој кажа дека со Фондот за здравствено осигурување работат активно на наоѓање решение да се подобри дијагностиката за лицата со ретки болести.

Министерот Филипче истакна дека во 2019 година ќе се обезбеди терапија за сите 20 пациенти со ретки болести кои беа на листа на чекање во 2018 година.

Преку Програмата за лекување на ретки болести во 2019 година планирана е набавка на вкупно 30 лекови за пациентите со ретки болести.

За период од околу четириесет денови и за пациентите со пулмонална хипертензија, меѓу кои има и деца ќе ја имаат терапијата, а предвидени се и средства за лекот спинраза за мускулна дистрофија кај мали деца“, истакна министерот Филипче во своето обраќање.

Воспоставен е електронски регистар за сите пациенти, кои се заболени од ретки болести. Ова е првпат да постои систем каде точно ќе се има евиденција за секој пациент. Регистарот го направи Националната комисија за ретки болести каде членуваат медицински лица кои ги водат овие случаи.

Министерот за здравство, Венко Филипче, учествуваше на конференцијата за јакнење на капацитетите на министерствата за проценка на фискалнoто вилјание врз структурните реформи, која се одржа денеска, во Љубљана, Словенија, во организација на Центарот за обука во финансиите (ЦЕФ).

Министерот Филипче беше панелист во сесијата на тема „Интегрирање на структурните реформи во фискална рамка“. Во неговото излагање истакна дека фокусот на Министерство за здравство по завршување на проценките од скенирањето на примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита, ќе биде насочен кон инвестирање во човечки капитал, но и во капитални инвестиции како изградба на нови болници, подобрување на инфраструктурата и набавка на нова опрема. 

Toj го презентираше и новиот проект за младите лекари кои ќе добијат шанса да се ангажираат во системот на јавното здравство. Секој лекар што ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе има можност да се вклучи во системот на Здравствените домови, да биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега. 

- Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе и да ги вклучиме на пазарот на трудот, а со тоа и да ги задржиме во нашата земја, изјави министерот Филипче.

На регионалниот дијалог за унапредување на структурните реформи и фискални рамки се дискутираше за економското управување, конкурентноста и трговијата кои се идентификувани како клучни области кои треба да се зајакнат. Клучните инструменти на политиката во овој процес се Програмите за економски реформи, вклучувајќи ги структурните реформи, со цел да го поттикнат растот и конкурентноста, истовремено обезбедувајќи фискална дисциплина и одржливост. Нивната подготовка бара силна посветеност и јасни насоки на владино ниво во врска со приоритизирањето и спроведувањето на мерките на политиката, како и нивното пресметување и финансирање на среден рок. Овој дијалог беше одлична можност да се разменат идеите и предлозите за надминување на предизвиците при планирање на финансиските средства  кои требаат за реализација на реформите во нашата држава, како и зајакнување на соработката со Министерството за финансии, но и со Министерствата од целиот регион. 

- Квалитетот на фискалниот дијалог помеѓу Министерството за финансии и Министерството за здравство е подобрен во изминатите две години. Особено добрата соработка со Министерството за финансии е очигледна и изразена политичка волја за структурни реформи и среднорочно фискално програмирање. За помалку од две години имаме околу 3.000 нови вработувања во здравствениот сектор. Исто така, буџетот на Министерството за здравство расте во однос на вкупниот буџет на земјата. Се зголеми буџетот за програми за вакцини, програмата за ретки болести, инсулинот, како и за капитални инвестиции и набавка на нова медицинска опрема. Со сето ова вложуваме во јавното здравство, а најголем бенефит ќе имаат граѓаните, истакна министерот Филипче.

Проектот на ЦЕФ е проект финансиран од ЕУ за периодот 2019-2021. Целта на овој проект е да обезбеди здрава и конзистентна проценка на фискалните импликации на структурните реформи во земјите од Западен Балкан и Турција.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска присуствува на Регионална конференција во Љубљана, на која  говореше на панел дискусија посветена на “Структурните реформи за конкурентни пазарни економии“.

Министерката Царовска во своето обраќање ја истакна важноста на социјалната реформа која што е во собраниска процедура, а со која се извлекуваат семејствата од долгорочна сиромаштија. Со оваа реформа се предвидени инвестиции во предучишното образование, во капитална инфраструктура и во подобрување на квалитетот на услугата.  Се подобруваат и мерките на пазарот на труд преку проактивен концепт за вработливост, посебно на младите лица.

„Во последните година и пол работевме напорно да ја направиме социјалната реформа. Од една страна, оваа реформа целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани и значително ја зголемува финансиската помош која ја добиваат. Од друга страна, новиот систем овозможува поддршка, обуки и советување,  за да може секој човек да почне да работи. Овој пристап ќе им помогне на луѓето трајно да излезат од сиромаштија, но истовремено ќе ја зголеми работната сила во земјата“, рече Царовска.

Министерката потенцираше дека  на овој начин, реформата не само што ќе има позитивен ефект врз ранливите групи граѓани, туку и врз економијата и пазарот на трудот. Заедно со останатите мерки, како што се програмите за младинско вработување, зголемувањето на минималната плата и бројните позитивни реформи наменети за маргинализираните групи граѓани се создава праведно општество, кое вистински се грижи за сите.

„Ова е многу важно за мене како министерка и за нас како Влада. Цврсто сме решени да помогнеме за секое дете да има еднаква шанса да успее во животот и секој човек да излезе од сиромаштија. Ова е моја цел и мотивација во работата“, рече Царовска.

Настанот „Кон подобрување на структурните реформи и фискалните рамки“ е во орагнизација на ЦЕФ, Љубљана,  и е дел од промоцијата на претстојниот регионален проект „Зајакнување на капацитетите на министерствата за проценка на фискалните импликации на структурните реформи“.

„Безбедноста во сообраќајот е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи. Оттаму и како министер за внатрешни работи, но и како граѓанин, апсолутно ја поздравувам и поддржувам иницијативата на Автомото сојузот на Македонија за приклучување кон проектот за зголемување на степенот на сообраќајна безбедност, особено на оние популациски групи како што се во конкретниов случај бремените жени, односно мајките и дечињата до тригодишна возраст“.

Ова денеска, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на презентацијата на проектот „Безбедни семејни паркинг зони“, при што беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу МВР и носителот на проектот Авто мото сојузот на Македонија, како и Министерството за транспорт и врски, ЗЕЛС, Факултетот за безбедност и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за заеднички активности околу негова реализација.

Според Спасовски проектот „Безбедни семејни паркинг зони“ го заслужува должното институционално внимание: „Како министер за внатрешни работи сакам веднаш да нагласам дека полицијата како и претходно, така и сега, е целосно отворена за соработка, за заедничко разгледување на сите идеи и предлози - како, кога, на кој начин ќе може сето тоа да се операционализира, а првенствено во интерес на нашите граѓани, односно во интерес на подигањето на нивото на сообраќајна безбедност“, нагласи министерот Спасовски.

Во склоп на проектните активности, планирано е обележување на посебно паркинг-место на паркинзите, резервирано за бремени жени и возачи на возила во кои се превезуваат деца до тригодишна возраст. Возилата на целните групи ќе бидат обележани со налепници.

„Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија имаше чест да биде домаќин на третиот состанок на Управниот одбор на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност. Денеска ми беше задоволство да бидам домаќин на своите колеги, министри за внатрешни работи на Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска и Словенија, мои почитувани пријатели и партнери на патот кон европската интеграција на нашата земја“.

Ова денес, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни Оливер Спасовски во својата изјава за јавноста, а по повод одржувањето на состанокот на Управниот одбор на ИИСГ во рамки на Брдо Процесот, чии што домаќин беше нашето министерство во коорганизација со словенечкото претседателство со Брдо Процесот.

Притоа министерот Спасовски заблагодарувајќи им се за учеството на сите колеги и шефови на делегации, особена благодарност упати до министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Боштјан Поклукар за укажаната доверба оваа средба да се организира во Република Северна Македонија.

Министерот Спасовски во поглед на самиот состанок нагласи дека следствено заклучоците на Советот на ЕУ за зајакнување на надворешната димензија на внатрешата безбедност од декември 2016 година, даден е приоритет на активности за развивање на посеопфатен механизам за справување со безбедносните прашања во регионот на Западен Балкан на начин кој ќе биде компатибилен со пристапот реализиран во рамки на Европскиот циклус на политики.

„Развојот на интегративниот и комплементарниот пристап во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам се разви во еден цел концепт за интегративно управување со внатрешната безбедност во Западен Балкан. Со ова тероризмот и насилниот екстремизам беше инициран во прв столб во оваа Иницијатива, кон кој што се припоија уште два други: столб за борба против организиран криминал и столб за гранична безбедност“, појасни Спасовски.

„Денешната средба, односно состанокот на Управниот одбор на оваа Иницијатива имаше за цел донесување одлуки за натамошниот развој на самата Иницијатива, и директно проширување на составот на Групата за поддршка на ИИСГ со претставници од Западен Балкан. Воедно, одредени промени беа направени и во координцијата на Групата за поддршка. Во основа, ИИСГ има за цел на едно место да ги сублимира сите активности на Европската унија и на меѓународните и регионалните организации во регионот на Западен Балкан, притоа значително придонесувајќи кон координацијата на напорите и активностите во овој дел од Европа, но и избегнувајќи на тој начин, евентуално непотребно дуплирање на исти активности реализирани од меѓународна или регионална организација во овој регион“, потеницираше Спасовски во својата изјава за јавноста.

“За нашата земја 2018 година беше година од историско значење, година кога конечно го решивме спорот со Република Грција. Со договорот од Преспа, и со неговата ратификација во двете земји затворивме проблем кој постоеше повеќе од 25 години и го трансформиравме во стабилно пријателство, потег кој треба да биде мотивација и инспирација за сите. Паралелно со политичкиот процес, работевме напорно на клучните реформски области зададени од Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година и тоа, реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација“.

Ова, меѓу другото, денес го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето воведно обраќање на министерската конференција во рамки на Брдо Процесот што денес се одржува во Скопје, односно на Третиот состанок на Управниот одбор на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), чиишто домаќин и коорганизатор, заедно со словенечкото претседателство со Брдо процесот, е токму Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Поздравувајќи ги учесниците на конференцијата министерот Спасовски кусо се осврна на низа досегашни реформски активности во рамки на министерството за внатрешни работи а кои имаат за цел воспоставување и зајакнување на професионалните стандарди, владеење на правото и функционирање на правната држава. “Реформски процеси се водат во областите оценети како најкритични и кои имаа негативни референциво извештаите на Европската комисија и релевантните меѓународни организации, области кои се најсуштествени во Министерството и се од исклучителна важност за гарантирање на безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните“, нагласи министерот Спасовски.

Покрај ова министерот за внатрешни работи  на Република Северна Македонија Оливер Спасовски се осврна и на важноста на самата иницијатива за интегрирано управување со внатрешната безбедност.

“Радува фактот што во регионот се воведе иницијатива за интегрирано управување со внатрешната безбедност која ги спои под едно заглавје иницијативите за надворешна помош, ги вклучи и регионалните иницијативи и организации во спроведувањето и реализирањето на таа помош и  ги постави основите на вистинска координација на внатрешната безбедност на овој регион. Механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува потребната синергија меѓу различните регионални ииницијативи, осигурувајќи одржливост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации на земјите кориснички, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки.

Она што останува - имајќи го предвид ваквиот начин на управување со внатрешната безбедност - е поефективно искористување на надворешната помош од земјите-членки на ЕУ,  област која повеќето земји од Западен Балкан недоволно ја користат, но и цврсто воспоставување на регионална сопственост“, потенцираше министерот Спасовски.

Инаку, на конференцијата, по воведниот дел во којшто покрај министерот Спасовски свое обраќање имаше и неговиот словенечки колега министерот Боштјан Поклукар, предвидено е во неколкуте работни сесии да се направи сеопфатна анализа на досегашните состојби и перспективи на Иницијативата  за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), како и за нејзиното организационо и стратешко позиционирање. Притоа, од особена важност е што на министерскиот состанок ќе бидат промовирани новите проектни задачи на ИИСГ во делот на функционирањето на т.н. Група за поддршка на ИИСГ како координативно тело за имплементација на иницијативата, односно вклучувањето на преставници од земјите на  Западен Балкан во работата на оваа група. Предвидено е министерот Спасовски да има свое обраќања и во тематскиот дел, а исто така тој ќе се обрати и во завршниот дел на конференцијата.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денес учествуваше на средба за вмрежување помеѓу мултинационалните и домашните компании во Република Северна Македонија, кој се одржа во Скопје. Настанот е во организација на Центарот за управување со промени - ЦУП и Finance Think - Институт за економски истражувања и политики, во рамки на проектот „Надминување на јазовите помеѓу домашните мали и средни претпријатија и мултинационалните компании“, кој е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Пред присутните претставници на домашни и странски компании министерката Апостолска се осврна на мерките од владиниот План за економски раст кои се насочени кон унапредување на нивното деловно вмрежување.

„Со Планот за економски раст за првпат во земјава се воведе мерка која е насочена кон стимулирање на странските компании да воспоставуваат деловни релации со домашни. Согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, каде што ова мерка е утврдена, странските компании кои воспоставуваат соработка со добавувачи од Северна Македонија може да очекуваат финансиска поддршка од 1% од вредноста на вкупните набавки доколку 15% од инпутите за производство ги набавуваат од домашни компании“, рече Апостолска.

Министерката Апостолска истакна дека намерата на Владата е интеракцијата помеѓу домашните и странските компании да го надмине нивото на испорачување на услуги, односно домашното стопанство да биде вклучено на напредно технолошко ниво во добавувачките ланци и производствени процеси на странските компании кои работат во земјава.

Осврнувајќи се на значењето на реализацијата на стратегиските евро-атлански приоритети, министерката Апостолска порача дека со зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО и започнувањето на преговори со ЕУ, земјата испраќа позитивен сигнал до домашните и странските компании да инвестираат.

„Политичката стабилност и безбедност која ја добиваме со НАТО и ЕУ гарантира и економска сигурност, што е од посебно значење за нашата атрактивност како дестинација за инвестирање“, рече Апостолска.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски осврнувајќи се на инструментите за поддршка на компаниите, соопшти дека минатата година преку оваа институција биле потпишани договори за финансиска поддршка во вредност од 16 милиони евра, со што по оваа основа е поддржан инвестициски циклус од 30 милиони евра.

На средбата свои обраќања имаа и Патрик Мартенс, директор на Делегација на Германско стопанство и Јасна Пајковска, координаторка на проектот - ЦУП.