Работна посета на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас на Република Македонија

Денес, 24 јуни 2015 година, министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас оствари еднодневна работна посета на Република Македонија на покана на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски.

Министрите Попоски и Коѕијас договорија заеднички активен пристап за градење на клима на зајакната доверба меѓу двете држави преку интензивирање на севкупната билатерална соработка и водење активен дијалог за отворените прашања, со крајна цел заеднички придонес за надминување на разликите во духот на европските вредности и заедничките интереси. Ваквиот пристап е содржан и во одредбите на Времената спогодба од 1995, чиј потенцијал треба активно да се искористи.      

Договорена беше листа од 11 конкретни мерки за практична соработка во области од заемен интерес, која во иднина може да биде дополнувана. Областите вклучуваат образование и култура, правда и внатрешни работи, економија и трговија, инфраструктурна поврзаност, енергетика, здравство. Исто така, беше договорено редовно одржување на политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи за актуелни прашања од заемен интерес, како и дијалог за прашања поврзани со ЕУ и регионалната соработка.

“Денес заедно направивме нов чекор – со заемен активен пристап за поттикнување на практичната соработка да ја зајакнеме меѓусебната доверба. Очекувам ваквата пракса на дијалог на високо политичко ниво да продолжи и во иднина, за што постои заедничка волја и подготвеност. Довербата меѓу двете земји никогаш не била на доволно високо ниво. Но, денес направивме чекор за јакнење на оваа најслаба алка меѓу двете земји со цел најсилната алка, бизнисот и соработката, уште повеќе да се интензивираат. Денешната средба е доказ дека ќе ја подобриме взаемната соработка и ќе создадеме клима за приближување на ставовите во решавањето на спорот околу името. Двете земји, надвор од овој спор имаат голем заеднички интерес, како од билатерален, така и од меѓународен аспект. Првиот чекор мора да се направи”, потенцираше министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски.

 

Соопштението е преземено од Министерството за надворешни работи