Премиерот Заев оствари средба со оштетените од поплавите во скопскиот регион и ги информираше за владините предлог мерки за обесштетување

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев денес оствари работна средба со координативното тело на оштетените правни субјекти од поплавите во скопската населба Ченто и околните населби.

 

Претставниците на координативното тело го информираа премиерот за проблемите со кои се соочуваат по минатогодишните поплави. Според нив институциите на државата не покажале никаков интерес за ефикасно решение, потенцирајќи ги штетите кои ги претрпеле локалните мали бизниси.

 

Тие побараа од владата разгледување и изнаоѓање начин како да се решат економските проблеми на оваа категорија граѓани предизвикани од поплавите.

 

Премиерот во текот на средбата ги информираше дека веќе се работи на утврдување на првите чекори за да се отпочне со конкретна процедура за да се исправи неправдата која им е направена на жителите и стопанствениците од Ченто и околните населби со досегашното игнорирање на нивниот проблем.

 

„Волја моја и на мнозинството е да ја исправиме и оваа неправда. Ќе ги најдеме сите можни правни мерки за да покажеме дека државата може и треба да биде мајка за сите“ – рече премиерот во текот на средбата.

 

Премиерот Заев, потенцираше дека во соработка со комисијата за проценка на штети и координативното тело ќе бидат земени во предвид сите докази и записници со кои располагаат стопанствениците за претрпената штета за конечно проблемот на оштетените да премине во фаза на решавање.