Средба на Грковска со ДКСК: Сите органи вклучени во системот за борба со корупцијата споделуваат заедничка цел и треба интензивно да соработуваат

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска ја одржа првата работна средба со членовите на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата. Упатувајќи честитки за изборот, вицепремиерката Грковска им посака успех во секојдневната работа и во исполнувањето на значајната мисија на Комисијата во воспоставувањето ефикасен систем за превенција и спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, изрази увереност дека претстои успешна соработка со Кабинетот за политики за добро владеење, имајќи предвид дека сите органи вклучени во системот за борба со корупцијата споделуваат заедничка цел. Димитровска истакна дека претстојните избори се првиот предизвик за Комисијата, која е обврзана да го следи целиот изборен процес и да презема мерки во случаите кога постои сомнеж за прекршување на законите. Во таа насока, таа ја посочи потребата од дефинирање санкции во одредбите во Изборниот законик со кои се регулирани забраните, за да се овозможи реализација на тие законски одредби.

Вицепремиерката Грковска нагласи дека е неопходно да се засили соработката помеѓу ДКСК и Јавното обвинителство за да се надминат проблемите, особено во однос на лоцирање на причините зошто не е процесуирана ниту една од 56-те пријави на Комисијата. Грковска информираше за досегашните активности на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, каде се отвораат сите прашања кои се од интересекциски карактер, со цел да се забрзаат и унапредат процесите и исполнувањето на поединечните обврски предвидени со Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.

Соговорниците се осврнаа и на потребата од зајакнување на финансиските и кадровските капацитети, особено во однос на недостигот на искусен и стручен кадар во секторите на ДКСК, со оглед дека овој состав на Комисијата се соочува со обемна работа. Информирајќи за бројот на предмети и за нивната структура по области, Димитровска рече дека од 547-те што ги наследиле од претходниот состав, 481 биле примени до 31 декември 2023 година (401 за имотна состојба, 46 за судир на интереси, 26 за спречување корупција и осум предмети за антикорупциска проверка на легислатива) и 66 примени од 1 јануари до 7 февруари 2024 година (два за имотна состојба, девет за судир на интереси, 54 за спречување корупција и еден предмет за антикорупциска проверка на легислативата.

Покрај споменатите теми, на состанокот се отвори и прашањето за транспарентноста како клучен принцип во работењето на институцијата, но и за заштитата на личните податоци на граѓаните при водењето постапки од страна на ДКСК.