Од утре оглас за практикантство и за обука кај познат работодавач

Агенцијата за вработување утре ќе објави оглас за практиканство како прво работно искуство до вработување и оглас за обука кај познат работодавач.

Двата огласи ќе траат до 17 јули, а заинтересираните ќе може да аплицираат во сите работни клубови во 30-те центри за вработување.  

Со Програмата за практиканство ќе бидат опфатени млади невработени лица на возраст до 27 години кои имаат завршено најмалку средно образование, а со обуката кај познат работодавач ќе бидат ангажирани 1.000 невработени лица со образование слично на потребите на компаниите.

Двете обуки ќе траат три месеци за кој период практикантите ќе добиваат по 5.000 денари месечно, а невработените лица кои ќе се обучуваат кај познат работодавач по 4.400 денари. Покрај паричниот надомест, ќе се плаќа и персонален данок и осигурување во случај на повреда.

Во двата случаи компаниите ќе имаат обврска да вработат 50 проценти од вкупно ангажираните лица и да ги задржат на работа во период од една година.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Попоски денеска на прес-конференција ги повикаа сите заинтересирани да аплицираат и да ги искористат можностите што ги нудат обуките.

Министерот Ристовски нагласи дека моделирањето на мерките е направено во консултација со стопанските комори и согласно интересот на компаниите.

- Периодот во кој ќе се врши обуката и периодот во кој компаниите се обврзани да ангажираат 50 проценти од лицата не се случајно избрани. Самите компании покажаа интерес дека искуствено 50 проценти од лицата кои се обучуваат имаат афинитети кои ги задоволуваат критериумите на соодветната компанија, а исто така тие самите тврдат дека периодот од три месеци за обука е доволен за да се добие сознание дали лицето ги исполнува стандардите и потребите на компаниите, рече Ристовски.

Досегашните искуства покажуваат дека од ангажираните 442 практиканти, моментно се вработени 181 скоро во сите сектори.

- Скоро половина од практикантите сеуште се во работен однос што е добра бројка и тоа не мотивираше да ја измениме оваа мерка со која секој млад човек уште од почеток знае дека има 50 проценти можност да биде вработен во компанијата каде ќе биде ангажиран за практиканство, нагласи директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

Во врска со предлогот на СДСМ во Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да има и претставници на пензионерите, министерот Ристовски со став дека се работи за задоцнет предлог затоа што во новиот Предлог-закон за ПИОМ е предвидено учество на Сојузот на пензионери во Управниот одбор на Фондот.