Следната недела нов оглас за отворање електронски продавници

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната Конференција во Битола посветена на мерките и идеите за развој на мали и средни претпријатија најави дека во текот на следната недела Министерството ќе распише нов оглас за отворање на веб-продавници.
 
Според министерот Ивановски, за интернетот не постојат географски бариери и производите може да се продаваат насекаде во светот. Република Македонија, посочи, има развиено информатичко општество и затоа во секој бизнис може да се постават електронски продавници, што ќе бидат конкурентни на западните држави.
 
- На првиот конкурс за електронски продавници за 50 места имаше 32 бизнис пријави и лично сметам дека може подобро затоа што свеста во Република Македонија за електронска продавница е неизградена, владее страв, чувство дека таму има корупција, криминал и злоупотреби на податоците. Но, тоа не е точно ниту логично. Ги охрабрувам сите да се пријават на огласот што наредната недела ќе го објавиме за 50 компании за отворање веб-продавници и своите производи да ги пласираат низ цел свет, изјави Ивановски.

Во Република Македонија 99  проценти од регистрираните компании се мали и средни претпријатија, додека во пелагонискиот регион како втор во државата има 11 отсто од вкупниот број мали и средни претпријатија во државата.

- Сакаме заеднички да придонесуваме за развиена економија во Република Македонија и затоа со вложувањето во образованието во овој сектор можеме да обезбедиме нова додадена вредност на економијата со која што нашата држава ќе биде конкурентна во ЕУ и надвор од ЕУ. Како Министерство посетивме 20 општини и остваривме средби со повеќе од 200 компании од каде добивме 190 нови предлози во функција на проектот регулаторна гилотина, а 40 од нив се активни мерки како составен дел од програмата за работа на Владата на Република Македонија. Нашата цел е да ги поедноставиме сите процедури и да им дадеме предност на малите и средни претпријатија, посочи Ивановски.
 
Проектот на УСАИД „Бизнис без граници“ го привлече вниманието на јавниот, приватниот, граѓанскиот и академскиот сектор и во него се вклучени повеќе од 200 компании кои почнуваа бизнис или го развиваат својот бизнис, беше истакнато на конференцијата.
 
- Сите можеме да се согласиме дека малите и средни претпријатија се р‘бетот на силна домашна економија, придонесувајќи значајно кон креирање работни места и генерирање приход, истакна заменик шефот на мисијата на САД во Република Македонија Брајан Агелер.
 
На конференцијата во Битола градоначалникот Владимир Талески предочи дека локалната самоуправа презема конкретни и плански програмирани мерки за самоодржливост на малите и средни преторијатија.
 
- Најголемиот горлив проблем, проблемот на невработеноста го решаваме и со овие проекти кои максимално ги поддржуваме. Овој концепт ја има нашата поддршка и посебно со задоволство ги поддржуваме идеите на младите креативци, оние што се способни и што преземаат акција, истакна Талески.