Отворен почесен конзулат на Македонија во Лос Анџелес

Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на отворањето на почесниот конзулат на Република Македонија во Лос Анџелес, при што оствари средба со почесниот конзул Ендрју Пејков, бизнисмен со македонско потекло.

Со неговото назначување за почесен конзул во Лос Анџелес, како што рече премиерот, направен е добар чекор бидејќи Пејков ќе биде добар претставник на Република Македонија.

- Ендрју Пејков е голем бизнисмен со потекло од Македонија, чии родители се дојдени во САД во 1920 година. Тој е роден во Америка, каде што подоцна направил крупен бизнис. Поседува 15 проценти од вкупниот пазар на продажба на флаширана вода за пиење во САД. Има повеќе фабрики за флаширана вода за пиење и над милијарда долари годишен обрт, наведе Груевски.

Пејков како што истакна македонскиот премиер, ќе биде наш значаен претставник, односно човек на кој државата ќе може да се обрати за какви било потреби поврзани со Лос Анџелес, но и пошироко со Калифорнија.