Промовирано списанието „Историја“

Со промоција на ново издание на списанието „Историја“, Здружението на историчари на Република Македонија (ЗИРМ) почна да ја одбележува 60-тата, јубилејна година од своето постоење. Новиот број на списанието, кое излегува 47 години, е посветено на 80-годишнината од раѓањето на проф. Бранко Панов, основоположник на византологијата и медијавистиката во Македонија и заслужен за развојот на македонската историографија.

- Низ богатата библиографска едиција на проф. Панов, од над 130 научни единици, доминираат теми поврзани со етногенезата на македонскиот народ, дејноста на светите Кирил и Методиј и создавањето на првата словенска азбука, со формирањето на феудалните односи во Македонија, востанијата на македонскиот народ, како и историската реконструкција на македонските средновековни градови..., рече Наташа Котлар-Трајкова, претседател на ЗИРМ.

Списанието има нова концепција - меѓународна редакција и прилози на странски автори, покрај домашните историчари, со цел тоа да се афирмира и во странство. Содржи 15-ина трудови на македонски научници и на професори од европски универзитети.

Објавувањето на списанието е поддржано од Министерството за култура. Министерката  Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата истакна дека „Историја“ е вредна научна публикација и значаен историски сублимат на импозантен број научни и стручни трудови создадени од врвни македонски и странски историчари.

-  Верувам дека сознанијата, кои и во иднина ќе бидат презентирани на страниците на ова списание, ќе ја афирмираат македонската историска наука во меѓународен контекст, но и ќе го подигнат нивото на квалитетот на ова македонско историско списание, кое настојува да се профилира како публикација со високи меѓународни научни стандарди и критериуми,   рече Канческа-Милевска.