Одржан Национален совет за претприемништво и конкурентност

Националниот совет за претприемништво и конкурентност на Република Македонија денеска ја одржа третата седница на која беа разгледани рангирањето на Република Македонија според Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот Економски Форум и Стратегијата за иновации на Република Македонија со акциски план и воедно беше определена улогата на Советот во нивното унапредување и реализација.

Советот детално се осврна на областите од индексот за глобална конкурентност во кои постои можност за подобрување. Посебно беше дискутирана областа за иновации за која Владата неодамна усвои Стратегија и конкретен акциски план.

-Националниот совет за претприемништво и конкурентност на Република Македонија, преку своите комитети и работни групи, ќе земе директно учество во спроведувањето на активностите, предвидени во Стратегијата за иновации и во акцискиот план, кои се насочени кон прилагодување на структурата на образовниот кадар со потребите на стопанството, зголемување на соработката помеѓу високо образовните институции и деловната заедница на полето на полето на иновации, трансфер на технологии и истражување и развој, истакна Заменик  претседателот на Владата на Република Македонија, Владимир Пешевски.

Советот со своето делување ќе обезбеди засилено имплементирање на Стратегијата за иновации, а ќе работи и на развивање на мерки за подобрување на конкурентноста на Република Македонија кои потоа ќе се достават како предлози до Владата.

Со Националниот совет за претприемништво и конкурентност претседава Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, а членови се претставници од приватниот и јавниот сектор, како и членови од високите образовни институции и невладини организации.

Националниот совет за претприемништво и конкурентност е формиран со цел преку дијалог и директна соработка помеѓу деловната заедница, образовните институции и Владата на Република Македонија да ја подобри конкурентноста и иновативноста на домашната економија и притоа да го зголеми животниот стандард и квалитетот на живот на македонските граѓани.