Груевски: Праксата на Грција да го крши меѓународното право и преземените обврски го руши кредибилитетот на ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 13.12.2012 година), во Брисел пред шефовите на држави и влади, лидери на политичките партии членки на Европската народна партија ги пренесе следните позиции:

Дозволете ми да ви се заблагодарам за заклучоците според кои  проширувањето останува клучна политика на Европската Унија.

Ние го цениме фактот што напредокот на Македонија е препознаен во оценката.

Ние сме разочарани што повторно не е постигната одлука за започнување на добро заслужените пристапни преговори со Македонија. Ова е јасно испуштена можност за значителен придонес кон постабилен и попросперитетен Балкан.

Би сакал искрено да им се заблагодарам на оние земји-членки и институции на Европската Унија кои напорно работеа кон постигнување на напредок во досието на европската интеграцијата. Нема да ги разочараме и двојно ќе ги зголемиме сите наши напори со реформи и дијалог.

Не е првпат да се соочиме со блокада. Нашиот јужен сосед претпочита практика на непочитување на меѓународното право и не ги почитува преземените обврски. Тоа е предизвик за кредибилитетот на проширувањето на ЕУ.

Нашиот одговор е вистински европски. Ние ќе продолжиме со реформите, ќе вложиме максимални напори за ширење на мирот, довербата и стабилноста во Југоисточна Европа. Верувам дека ова ќе биде вреднувано повеќе отколку што ќе биде привлечно практикувањето на блокади.