Груевски: СДСМ ги смисли блокадите уште во јули, треба да излезат од деструктивното сценарио

Сценариото што се случи на 24 декември било осмислено од страна на СДСМ уште во текот на јули минатата година и од тогаш е планирано кога ќе дојде време за донесување на буџетот да се предизвика инцидент за негово закочување, кој ќе биде алиби за неодење на локални избори и создавање хаотична состојба, истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на поплавените куќи во населбата Ливади, во Свети Николе.

Тоа, како што рече, го кажуваат и луѓе од партијата. - Лидерот на опозицијата верува дека најдобро се снаоѓа во хаотична ситуација и дека најмногу може да испоентира политички од неа, рече Груевски.

Според него, тоа е многу лошо бидејќи политичарите, како што рече, треба да осмислуват настани во кои преку позитивна атмосфера и позитивни поени ќе успеваат, а не со креирање кризи на грбот на граѓаните и на државата.

- Ги доведоа во прашање нашите евроатлантски интеграции. Тоа го разбра целиот свет и Европа. Верувам дека, сепак, во последен момент тој човек ќе најде сили да излезе од ова деструктивно сценарио кое го обмисли и во кое ја втурна државата, потенцира Груевски.

На прашањето дали ќе го задоволат барањето на СДСМ за организирање предвремени парламентарни избори доколку учествуваат и победат на локалните избори, рече дека нема да прифатат таков тип уцени и додаде дека веќе им попуштиле на СДСМ.

- Направивме измени на Законот со кои овозможивме и на некој начин им подадовме рака да се вратат во еден нормален колосек, рече Груевски.