Премиерот Груевски ја предаде во употреба реконструираната спортска сала во Велгошти

Премиерот Никола Груевски ја предаде во употреба реконструираната спортска сала „Тодор Александров“ во охридското село Велгошти.

- Задоволство е да се биде гостин во Велгошти, особено кога за тоа има убав повод. Тука сме за да го означиме конечното завршување и официјалното пуштање во употреба на спортската сала „Тодор Александров“. Овој објект години наназад чмаеше полуизграден, до половина со нерасчистени имотно-правни односи, оштетени ѕидови, искршени стакла, руиниран односно почнат и незавршен, рече Груевски пред присутните.

Агенцијата за млади и спорт, додаде, се измачи додека обезбеди соодветна документација, додека го поправи она што некој во стартот го згрешил. Во јуни 2012 беше издејствувано решение за адаптација на салата, а кон крајот на септември почна реконструирањето.

- Стоиме пред новата сала во Велгошти. Ветивме дека ќе ја завршиме и го исполнивме ветувањето пред Велгоштани. Малку се доцнеше заради причините за кои говорев, но работата се заврши. Салата е изградена според најсовремените стандарди и во неа може да се вежба мал фудбал, кошарка, ракомет, гимнастика. Не верувам дека имав повеќе мака за доградба на некоја сала од оваа. Барем 20 пати му се јавував на градоначалникот за да го потсетам што побргу да ја заврши работата. Верувам дека во иднина сите проекти кои се планираат во охридскиот регион, како во спортот така и во другите области, ќе се реализираат во оптималниот период и без доцнење, во соработка со новата локална власт предводена од Никола Бакрачески, истакна Груевски.

Според него, охридскиот регион заслужува да биде место на развој и напредок.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски истакна дека салата е изградена според сите стандарди, особено во делот на опременоста. Во иднина во Велгошти ќе можат да се одржуваат не само часови по физичко за децата од населбата, туку и тренинзи, како и спортски натпревари.

- Агенцијата за млади и спорт се грижи за развојот на спортот во сите делови на Македонија. Секако дека за Охрид се планирани уште многу проекти, но еден од оние за кои навистина ќе се гордееме кога еден ден ќе ја доживее својата промоција, тоа е затворениот базен со ватерполо димензии, како потврда на заложбите на Владата преку Агенцијата за млади и спорт за развојот на спортот во Охрид и пошироко, рече Поповски.

Реконтрукцијата на салата во Велгошти започна на 21 септември. Вредноста за реконструкцијата, санацијата и адаптацијата на спортскиот објект изнесува 23,6 милиони денари, а финансиските средства Агенцијата за млади и спорт ги обезбеди преку Владата на Република Македонија, во рамки на проектот за изградба на 35 спортски сали.