Седница на Работниот комитет за европска интеграција

Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ), денеска во Секретаријатот за европски прашања ја одржа 32. седница, со која претседаваше вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.


На состанокот присуствуваа државните секретари на институциите, раководителите на работните групи за подготовка на Националната програма за усогласување на националното законодавство со европското законодавство за 2013 година (НПАА) и претседавачите на поткомитетите од ресорните министерства.


Денешната седница на Работниот комитет беше посветена на статусот на реализација на приоритетните цели усвоени на Пристапниот дијалог на високо ниво, статусот на реализација на НПАА 2013, реализацијата на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација како и статусот на ИПА.


Вицепремиерот Бесими истакнал дека во тек се подготовките за одржување на четвртиот состанок на Пристапниот дијалог и во наредниот период ќе биде потребна максимална ангажираност од сите надлежни институции кои имаат обврска да ги реализираат предвидените активности.