Владата продолжува со посетa и средби со бизнис заедницата

Владата продолжува со посетата на компаниите со цел да се запознае со проблемите со кои се соочуваат бизнисмените при секојдневното работење. Со четвртиот циклус на посети како дел од проектот „Учиме од бизнис заедницата“ планирани се посети најмалку 150 компании со можност оваа бројка да биде надмината доколку постои интерес.

Огласот за компаниите кои сакаат да се вклучат во овој проект денеска е објавен во дневниот печат и ќе трае до 5 октомври годинава.

- Овој проект овозможува директна комуникација меѓу Владата и бизнис заедницата. Преку директните посети и разговори со компаниите, Владата директно се запознава со предизвиците и проблемите со кои се соочуваат македонските компании при секојдневното работење. Со ваквиот контакт се овозможува идентификуваните проблеми детално да се анализираат и за оние кои е реално возможно Владата да дефинира системски мерки за нивно надминување, истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција.

Според него, ефектот од првите два циклуса е голем и над 50 проценти од барањата на бизнис заедницата се реализирани. Во првите три циклуса компаниите дале околу 600 иницијативи. 

- Главниот бенефит од проектот се препознава токму што голем дел од иницијативите и предлозите на бизнис заедницата допринесуваат во креирањето на економските политики на бизнис заедницата. Искуствата покажуваат дека токму врз барањата на бизнис заедницата, донесени се нови стратегии, имплементирани се низа проекти и направени се измени во голем број на закони, нагласи Пешевски.  

Во изминатите три циклуси беа посетени над 400 компании од 34 градови во државата. При селекцијата на компаниите, покрај територијалната припадност, се водеше сметка и за извозната ориентираност, како и за големината на компаниите. Посетените компании најчесто се од областа на производството и тоа главно од металуршката, метало-преработувачката, градежната, хемиската и текстилната индустрија, како од услужниот сектор.  

Проектот почна при крајот на 2010 година под името „Посета на 150 компании“ но поради целта и карактерот го доби името „Учиме од бизнис заедницата“.