Јанакиески: Новите инвестиции во Дојран ќе го зголемат бројот на туристи

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески очекува зголемување на бројот на туристи во Дојран со двете нови инвестиции што треба да се реализираат во ова туристичко место.

Кон почетокот на март, како што денеска најави, се очекува да започнат градежните работи  на патеката што ќе ги поврзува Стар и Нов Дојран, а во текот на следната недела ќе се одржи и јавна аукција за плажата во Дојран. 

- Се работи за патека над два километри со што целосно ќе се поврзат  Нов и Стар Дојран и тоа ќе биде една дополнителна атракција за голем број туристи, чиј број се зголемува од година во година. Очекувам во март да започнат градежните работи и најдоцна до крајот на годинава целосно да биде изградена таа патека, која е продлжение на постоечката, изјави Јанакиески, одговарајќи на новинарски прашања по отпочнувањето на градежните работи на улица во скопската населба Драчево.

Во однос на плажите, нагласи, дека во текот на следната недела ќе има јавна аукција и очекува до крајот на февруари да биде склучен договор за концесија за плажата од 600 метри.

- Плажата ќе биде автентична, онака како што граѓаните ја избраа на јавниот повик. Современа плажа, со пристап, паркинг, тоалети, шанкови,  чадори, односно ќе го има сето она што граѓаните го избраа, истакна Јанакиески.