Јанакиески ги посети опожарените куќи во Бутел што се санираат со средства од Владата

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ја посети месноста „Циглана“  во Општина Бутел, каде што беа опожарени дваесетина куќи, што се градат повторно со поддршка од Министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика и општината. 

Владата, во соработка со општина Бутел, за обновата на куќите издвои околу 20 милиони денари.

Според Јанакиески, со обезбедените финансии, ќе се изврши целосна обнова на куќите со што се реализира ветувањето од Владата.

- Можам да кажам дека со добра динамика се одвива реконструкцијата и очекуваме некаде за месец-два, во зависност од одвивањето на градежните работи да ги видиме овие куќи целосно реконструирани. Ова беше нешто што го ветивме како Влада. Најмногу средства, околу 10 милиони денари, за овој проект се од буџетот на Министерството за транспорт и врски, изјави Јанакиески.

Во тек на посетата на Општина Бутел министерот за транспорт изврши увид и во активностите за изградба на фекална канализација во населба Радишани. Вредноста на проектот е 5.500.000 денари (89.000 евра).