Премиерот Груевски се сретна со премиерот на Сингапур, Ли Ксиен Лонг

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 29 ноември 2011 година) во Сингапур оствари средба со својот колега, премиерот на Република Сингапур, г-дин Ли Ксиен Лонг. На средбата двајцата соговoрници изразија задоволство што за прв пат од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете пријателски земји во 1995 година, македонски премиер доаѓа во посета на Сингапур.

Премиерот Груевски го информираше сингапурскиот премиер Ли Ксиен Лонг дека покрај стратешките определби и приоритети на надворешната политика на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО, Владата на Република Македонија има интерес за интензивирање и унапредување на соработката и со земјите од Југоисточна Азија, а особено со Сингапур. Во таа смисла, премиерот Груевски го поздрави досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете држави, а воедно истакна цврсто уверување дека истите во иднина ќе бележат позитивен развој и зголемена динамика во повеќе области.

Во доменот на економските релации, премиерот Груевски нагласи дека Република Македонија високо го цени економскиот подем што Сингапур го има остварено во последните децении и дека сингапурското искуство би било значајно за нашата земја која се профилира во атрактивна бизнис дестинација во регионот на Југоисточна Европа. Во таа насока, македонскиот премиер истакна дека еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија е унапредувањето на економската состојба на земјата и привлекувањето на странски инвестиции, и дека во тој контекст постои голем интерес за унапредување на економските односи со Сингапур и привлекување на сингапурски инвестиции во Република Македонија, за што во рамките на посетата беше организиран и бизнис форум на кој пред сингапурските бизнисмени се презентираше македонската економија, условите за водење бизнис, водечките индустриски сектори и приоритетите на националната економија во глобалните економски текови. Премиерот Груевски истакна дека постои потреба од зајакнување на правната рамка што ќе биде во функција на унапредување на односите меѓу двете држави и што ќе ја олесни соработката во економијата, и во тој контекст го информираше својот соговорник за македонската иницијатива за склучување Договор за одбегнување на двојното оданочување и заштита од фискална евазија по однос на даноците од доход и добивка, како и Договор за поттикнување и заемна заштита на инвестиции помеѓу двете земји.

Во тој контекст, премиерот Груевски истакна дека македонската страна има интерес за склучување и Спогодба за слободна трговија помеѓу Република Македонија и Република Сингапур. На крајот од средбата премиерот Груевски изрази надеж дека реформите кои што ги спроведува Владата на Република Македонија во повеќе сфери, како што е економијата, судството, образованието, администрацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и поволностите и компаративните предности кои што ги нуди македонската економија, ќе ги поттикнат и охрабрат сингапурските бизнисмени за зајакната економска соработка и инвестиции во Република Македонија. Двајцата премиери заклучија дека оваа посета дава голем оптимизам за текот на идната соработка меѓу двете пријателски земји и дека постои голем простор за унапредување на односите, како на мултилатерален план, така и во доменот на образованието, културата и туризмот, а особено во зајакнувањето на меѓусебните економски релации.

Инаку, Република Сингапур е островска град-држава во Југоисточна Азија сместена на јужниот врв на Малајскиот полуостров. Таа е парламентарна република од Вестминстерски тип со еднодомен парламент во кој седат претставници избрани во посебните и уникатни изборни единици. Според Уставот на Република Сингапур, политичкиот систем во земјата е дефиниран како претставничка демократија.