Груевски се сретна со професори од белгискиот Универзитет Лувен

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска (среда, 01.10.2014 година) оствари средба со претставници од Универзитетот Лувен од  Белгија, проф. д-р Дени Питерс и проф. д-р Филип Диваленс.

Универзитетот Лувен е еден од најдобрите и најреномирани универзитети во Белгија, но е во првите 100 во светот. Тој меѓу другото е и научен центар специјализиран во повеќе сфери и области.

На средбата со Премиерот беше разговарано за можноста за соработка во повеќе посебни области при што беше потенциран потенцијалот за реализација на конкретна размена на искуства и соработка во полето на здравството, образованието и сферата на социјалната политика.

Професорите од Универзитетот Лувен истакнаа дека соработката која може да се оствари во здравството би се состоела во размена на медицински персонал меѓу двете страни и пренесување на искуствата од научните методологии во медицината кои може да бидат корисни и применливи.

Ваквата соработка би била корисна и е во рамките на заложбите кои ги има Владата за остварување на соработка со повеќе врвни медицински центри и размена на медицински персонал со цел унапредување на знаењата и зголемување на искуството.

На средбата, во делот на соработката во образованието се разговараше и за можноста за пренесување на дел од студиските програми и нивна имплементација на одделни факултети во државава со цел примена на најдобрите практики од реномираните универзитети и унапредување на образовниот процес.

Соговорниците разменија мислења на повеќе теми од сферата на образовниот процес и социјалните политики, при што искажаа подготвеност за искористување на потенцијалите, продлабочена соработка и надградување на истата.