Груевски се сретна со досегашниот известувач на ЕП за Македонија, Ховит

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 03.12.2014 година) оствари средба со досегашниот известувач на Европскиот парламент за Република Македонија, г-дин Ричард Ховит.

Соговорниците позитивно ја оценија досегашната соработка, изразувајќи заложби за продолжување на комуникацијата на теми од заеднички интерес.

Премиерот Груевски изрази благодарност до г-дин Ховит, за неговиот досегашен ангажман и придонесот кој тој го имаше во спроведувањето на реформите и во напредокот на Република Македонија кон Европската Унија.

Претседателот на Владата даде и позитивна оценка за поддршката која Европскиот парламент континуирано ја овозможува на Република Македонија во процесот на унапредување на состојбите и исполнувањето на европските стандарди.

Тој го информираше соговорникот и за понатамошната посветеност на Владата за реализација на стратешките определби на Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО.

Г-дин Ховит истакна дека и во идниот период, како и досега, во рамките на своите ангажмани ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во процесот на достигнување на европските и евро-атлантски стандарди.

Соговорниците разговараа и за владиниот акциски план за идните реформи кој е изготвен согласно препораките на Европската Комисија.