Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека Министерството интензивно работи на повеќе проекти чија цел е директно олеснување на животот на граѓаните и подобрување на пристапот до јавни услуги.
Андоновски најави дека проектот Е-Бебе ќе започне со реализација следната година и ќе претставува значаен чекор кон поефикасна комуникација меѓу институциите и граѓаните.
Проектот ќе овозможи граѓаните да не мора лично да прибавуваат документи од државните институции, туку истите да се разменуваат електронски преку државните регистри.
„Целта е да стигнеме до фаза каде што граѓаните нема да мора лично да ги прибираат овие документи, туку институцијата сама ќе ги прибавува од државните регистри. Проектот, кој го нарековме Е-Бебе, ќе започне следната година и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и институциите,“ изјави Андоновски.
Министерот посочи дека судските уверенија – за неосудуваност, кривична и деловна способност – веќе се дигитализирани и достапни преку националниот портал за само неколку минути. Тој нагласи дека дел од институциите, како што се факултетите и Агенцијата за вработување, веќе ги признаваат дигиталните документи, но останува потребата сите институции да го следат истиот принцип. Министерството ќе преземе чекори за целосно надминување на овој проблем.
Во однос на меѓународната дигитална поврзаност, Андоновски истакна дека Македонија активно работи на приклучување кон роаминг-зоната на Европската Унија, со цел граѓаните да ги користат мобилните услуги во странство под исти услови како дома.
Тој додаде дека ако Македонија не успее да го реализира ова како дел од пакетот следната година, ќе се пристапи и кон билатерални разговори со земјите каде што граѓаните најчесто патуваат, слично како што направија Украина и Молдавија.
„Многу е полесно тоа да го направи Европската унија во име на државата, бидејќи има интерес на страна на Европската комисија, што претседателката фон дер Лаен веќе неколку пати го истакна“, нагласи министерот.
„Нашата цел е едноставна – што повеќе услуги да им станат достапни на граѓаните брзо, лесно и без непотребни трошоци. Работиме на проекти кои навистина го олеснуваат секојдневието,“ порача Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација останува посветено на дигитализација на јавните услуги и забрзување на процесот на дигитална трансформација на државата.