Генералниот секретаријат дава стручна и административна поддршка за непречена работа на Владата.
Мисија
Генералниот секретаријат е стручна служба на Владата, со основна задача да обезбеди координација, стручна и логистичка поддршка на Владата во целина, за потребите на претседателот на Владата, замениците на претседателот на Владата и на членовите на Владата, со цел остварување на програмските определби и приоритети на Владата во рамките на утврдените надлежности, со Уставот на Република Северна Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори.
Визија
Современ, дигитализиран и транспарентен центар на Владата, посветен на постигнувањето на стратешките приоритети и цели на Влада.
Задачите и обврските на Генералниот секретаријат, се утврдени со Законот за Владата (линк), Деловникот за работа на Владата (линк) и Правилникот за внатрешна организација на Генералниот секретаријат (линк), и согласно истите Генералниот секретаријат:
ü надлежен e за следење на степенот на реализација на стратешките плански документи;
ü го координира усогласувањето на материјалите согласно одредбите од Деловникот за работа на Владата, стратешките приоритети и цели на Владата како и стратешките документи од областа на која се однесува материјалот, како и меѓусебната усогласеност на материјалите од надлежност на министерствата;
ü во рамки на следење на степенот на реализација на стратешките плански документи, може да вклучи и претставници од Канцеларијата на претседателот на Владата, министерствата, како и други државни органи и институции.
ü доколку Генералниот секретаријат констатира дека степенот на реализација на стратешките документи е низок, генералниот секретар веднаш го известува претседателот на Владата, министрите и другите избрани и именувани лица одговорни пред Владата;
ü се грижи за уредно водење на евиденцијата, како и за архивирање на материјалите во Владата во согласност со прописите за канцелариско и архивско работење, како и за чување на стенографските белешки и тонските записи.
Генерален секретар
Со Генералниот секретаријат раководи генералниот секретар, кој обезбедува законита, ефикасна и транспарентна работа на Генералниот секретаријат и донесува стручни упатства и акти со кои ја уредува организацијата и начинот на работата на Генералниот секретаријат на Владата и одлучува, во согласност со закон, за правата, должностите и одговорностите на вработените во Генералниот секретаријат.
Генералниот секретар има права и должности утврдени со закон и со Деловникот за работа, и во согласност со упатствата на претседателот на Владата ги врши работите во врска со организирањето и подготвувањето на седниците на работните тела и на Владата, и тоа:
ü учествува во работата на седниците на Владата без право на одлучување и се грижи за процедуралните прашања во текот на седницата на Владата;
ü соработува со министерствата и другите органи на државната управа, особено по прашањата за стратешките приоритети, Националната развојна стратегија, другите стратешки плански документи, анализа и евалуација на политиките;
ü се грижи предлозите на законите што се доставуваат до Владата да содржат проценка на влијанието на регулативата, согласно Методологијата за проценка на влијанието на регулативата и Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување на проценка на влијанието на регулативата;
ü се грижи сите предлози на закони и подзаконски акти што се доставуваат до Владата да содржат Изјава за усогласеност на прописот со законодавството на Европската Унија;
ü се грижи предлозите на законите и подзаконски акти во кои се транспонира одредена мерка на Европската Унија, што се доставуваат до Владата, освен Изјава за усогласеност на прописот со законодавството на Европската Унија, задолжително да содржат и соодветни коресподентни табели (ЕУ-МК и МК-ЕУ);
ü го организира подготвувањето и следење на спроведувањето на Годишната програма за работа на Владата;
ü ги потпишува заклучоците на Владата, освен оние кои ги потпишува претседателот на Владата и ги доставува до министерствата и другите органи на државната управа, како и други државни органи и институции и го организира извршувањето на заклучоците на Владата;
ü се грижи за објавување на прописите и другите акти на Владата во „Службен весник на Република Северна Македонија“;
ü се грижи за доставување на заклучоците и актите кои ги донесува Владата до овластените предлагачи и другите засегнати страни преку системот за е-Влада, која се смета за официјална достава;
ü се грижи за обезбедување на условите за работа на Колегиумот на државни секретари и на работните тела на Владата;
ü се грижи за остварување на соработката и за извршување на обврските на Владата спрема останатите институции, во рамките на своите надлежности и ги враќа материјалите кои не се подготвени во согласност со овој деловник, кои не се комплетни, како и материјалите кои не се во надлежност на Владата.
Генералниот секретар има заменик што му помага во вршењето на неговите работи и го заменува во случај на негова отсутност или спреченост.
Програма за работа на Владата и стратешко планирање
Владата ја усвојува Програмата која мандатарот ја предложил на Собранието при изборот на Владата, како Среднорочна програма за работа на Владата.
Министерствата во рок од 60 дена од денот на донесувањето на Среднорочната програмата за работа на Владата, ја информираат Владата за преземените конкретни активности од нивна надлежност, роковите и показателите за успешност преку кои се следи реализацијата на Програмата.
Среднорочната програма за работа на Владата се операционализира преку Годишна програма за работа на Владата. Во Годишната програма за работа на Владата и Буџетот на Република Северна Македонија, Владата ги вградува стратешките приоритети и фискалната политика, како и обврските коишто произлегуваат од законите, развојните стратешки плански документи, секторските стратегии и процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Генералниот секретаријат го подготвува Предлогот на Годишната програма за работа на Владата, врз основа на иницијативите на матичните буџетски корисници, го следи нејзиното спроведување и подготвува полугодишен и годишен извештај што ги доставува за разгледување на Владата.
Врз основа на Годишната програма за работа, Владата утврдува и доставува до Собранието Полугодишен законодавен преглед, со предлози на закони и други акти по кои одлучува Собранието.
Владата на тематска седница ги разгледува, Полугодишниот и Годишниот извештај за реализацијата на Годишната програма за работа и Законодавниот преглед.
Стратешко планирање
Владата донесува одлука за утврдување на стратешките приоритети за период не пократок од пет години, согласно Законот за буџети и Методологија за стратешко планирање и подготвување на Годишната програма за работа на Владата на Република Северна Македонија, која ја донесува Владата.
Генералниот секретаријат го координира процесот на стратешко планирање на матичните буџетски корисници и во соработка со Министерството за финансии доставува детални упатства и временски рокови за подготовка на стратешкиот план.
Генералниот секретаријат се грижи за воспоставување и развивање на секторското планирање, обезбедување на унифициран систем за подготвување и следење на спроведувањето на секторските стратегии согласно Методологијата за начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на секторските стратегии и Упатството за структурата, содржината и начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на секторските стратегии, кои ги донесува Владата.