Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во интервју за „Клик плус“ на ТВ21, говорејќи за случајот со Ива Михаилова и нејзиниот татко, истакна дека Бугарија може да стане прибежиште за криминалци кои ќе го злоупотребуваат овој случај, односно Бугарија може да стане алиби за осудени криминалци кои би ваделе бугарски пасоши за да најдат таму прибежиште.
Премиерот Мицкоски додаде дека Михаилова нелегално ја поминала границата и дека нема никаква вистина во тоа што го кажуваше нејзиниот адвокат, МВР го истражува случајот и за брзо ќе се дојде до одговорите, но тоа што загрижува е координираната акција на македонската опозиција и бугарски медиуми со цел да ѝ наштетат на Владата.
„Тие создаваат иста теза, ако забележите, медиумите кои се провладини кај нив и нашата македонска опозиција што имаат заедничко? Заедничка е тезата дека ова било договорено. Добро, еве ако е договорено, сега има меѓународна потерница, ве молам испорачајте ги. Бидејќи имаме меѓународна потерница. Ако не ги испорачаат, тоа значи дека нивната теза не е вистина. Тоа значи дека таа на нелегален начин е однесена во Бугарија“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека за овој случај ќе се разговара со меѓународните партнери, затоа што наш партнер од НАТО станува прибежиште на криминалци и може да стане и алиби на останатите криминалци кои нелегално ќе избегаат таму барајќи прибежиште.
„Ние разговаравме со нашите меѓународни партнери, ова ќе биде покренато и на состаноците со НАТО-алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО денеска е прибежиште на осудени криминалци и ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата. Исто така, ова ќе биде покренато и кај нашите партнери во Европската Унија. Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да вадат бугарски пасоши и преку илегални премини да бегаат и да бараат прибежиште таму“, нагласи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцира дека има политички сили кои очекуваа емотивна реакција од наша страна, но тоа не се случува, напротив, ние реагираме надвор од нивните очекувања, ги повикуваме да седнеме на маса да најдеме решение за проблемите, додека Ива и нејзиниот татко кога-тогаш ќе одговараат.