„Најпрвин, ќе ми дозволите да се заблагодарам на сите луѓе коишто учествуваа во оваа достоинствена прослава и одбележување на 35 години независност. Почнувајќи од првиот настан каде што гостуваше повторно светска ѕвезда на стадионот во Битола, под Тумбе Кафе, на 2ри август, па се до последниот настан каде што беше повторно, мега светска ѕвезда, Дејвид Гета. Во меѓувреме имавме неколку мјузикли ширум градовите на државата, под мотото Силно светнал ден. Потоа беше оној настап на светска мега ѕвезда, Хозе Карерас, заедно со Македонија „олл стар“ на скопскиот плоштад. Тука беа и поединечни настани исто така на светски ѕвезди во Струмица, Окенфолд, ван Дајк, македонски рок бендови, меѓу кои Меморија, концертот во Струмица итн. Станува збор за опфат помеѓу 200 и 250 000 македонски среќни граѓани коишто ова лето се дружеа со македонските ѕвезди, но и со светските ѕвезди“, изјави премиерот на Владата, Христијан Мицкоски во гостување во централниот Дневник на МРТ.
Мицкоски се осврна на активностите кои се одвиваа по повод одбележување на 35 години независна Македонија и соопшти дека ќе продолжи праксата владата да помага да се носат светски музички ѕвезди, како и да се поддржуваат домашни уметници.
„Им благодарам на македонските пејачи, актери, организатори, продуценти, режисери, сценаристи, нека ми прости некој ако биде заборавен. Им благодарам што направија, навистина лето коешто ќе биде незаборавно и лето коешто долго ќе се памети и ќе претставува основа за годините коишто следат“, рече Мицкоски и додаде:
„Јас слушав на прес-конференцијата дека обврска на организаторот е да достави трошковник до Државна лотарија и од изјавите на директорот на Државна лотарија тој трошковник ќе биде доставен и објавен така што опозицијата нека продолжи да тоне во своите интриги, во своите измислици, ние ќе продолжиме да работиме и да испорачуваме она што го очекуваат граѓаните од нас и еве ќе кажам и ќе најавам тука повторно, уште еднаш, дека општествено одговорна компанија како Државна лотарија ќе продолжи и во годините коишто следат да ги поддржува македонските културни работници, македонските актери и македонските музички изведувачи итн.“