Во Централниот дневник на МРТ гостуваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој истакна дека во услови на глобална енергетска криза, цените на горивата во Македонија се убедливо најниски во Европа, при што, според него, владините мерки значително го намалуваат ударот врз стандардот на граѓаните.
„Во моментот во светот се случува најголемата енергетска криза којашто човештвото не ја памети. Во овие услови цената којашто ја имаат горивата во Македонија е најниска во Европа — кога велиме најниска, е убедливо најниска во Европа. Ако се направи споредба со соседството, со Грција, со Албанија, со соседна Србија или ако одиме посеверно накај БиХ, Црна Гора, Хрватска, Словенија и така натаму, ќе видите дека цената на горивата кај нас е од 20 до 50% поевтина споредена со тоа што е во соседството“, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски во своето гостување посочи дека без владините мерки, дизел-горивото би било поскапо за 11 до 11,5 денари по литар, истакнувајќи дека тоа значи директна заштеда од повеќе од 250 илјади евра дневно за граѓаните.
„Ќе ви дадам една пресметка, еве на пример, за дизел-горивото. Дизел-горивото, кога не би биле овие мерки на Владата, би било поскапо за 11 до 11,5 денари по литар. Што значи тоа во пари? Тоа значи повеќе од 250 илјади евра на ден. Толку е заштедата со мерките на Владата што ја прават граѓаните — кога зборувам за заштеда, зборувам за директната заштеда. Кога на тоа ќе го додадеме и безоловниот 95- и 98-октански бензин, тогаш ќе дојдеме до повеќе од 300 илјади евра на ден директна заштеда кај граѓаните“, истакна Мицкоски.
Мицкоски оцени дека пониските цени на горивата имаат ефект и врз инфлацијата, бидејќи се намалуваат трошоците во целиот економски синџир.
„Тоа понатаму во синџирот имплицира ниско ниво на инфлација, а тоа ниско ниво на инфлација е меѓу најниските во Европа за јули и за август и е во рамките од 2 до 3% — нешто што денеска претставува природна инфлација според оние пораки коишто ги испраќаат Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка“, вели Мицкоски.
Според претседателот на Владата, Мицкоски, владините мерки во следните две недели ќе обезбедат директна заштеда во буџетот на граѓаните од 4 до 4,5 милиони евра, додавајќи дека земјава има доволно резерви и стабилно снабдување со гориво.
„Така што она коешто го прави Владата во моментот, во следните две недели ќе значи директна заштеда во буџетот на граѓаните помеѓу 4 и 4,5 милиони евра. Ќе ја следиме ситуацијата — со резерви сме доволно снабдени, продуктоводот што го поврзува солунското пристаниште со рафинеријата е полн, не воведовме забрана за извоз, дел од аеродромите во регионот се снабдуваат со керозин од нашите, би рекол, трговци, а нашите трговци снабдуваат дел и од соседните земји“, истакна Мицкоски.