„Секој оној кој што не и мисли добро на Македонија и граѓаните ќе бара меко ткиво и тоа го наоѓа во опозицијата во моментот. Тоа го наоѓа во опозицијата, ги слушаме изјавите на челниците на опозицијата во Македонија, кои што никогаш до сега не извлекоа поука од погрешните политики што ги правеа и партијата ја доведоа на тоа ниво, на кое што ја доведоа. Нормално, тоа беше искомбинирано со многу криминал, неработење, неиспорака“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата во вечерашното интервју во емисијата Само интервју на ТВ Канал 5.
Премиерот Мицкоски се потсети на средбата со тогашниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски каде што имал лидерска средба на која како што рече буквално го молел да не го прифати делот за историската комисија и условот за промена на Уставот да бидат дел од преговарачката рамка.
„Јас не бев како сегашната опозиција, јас тогаш барав лидерска средба за да се изгради национален консензус. Дури се сеќавам како денес да беше таа моја последна средба со тогашниот претседател на Владата Ковачевски во Клубот на пратеници, кога го молев буквално да не го прифаќа ова. Дури му реков се што е на маса ќе прифатиме заедно, само немој делот со историската комисија и условот промена на Уставот да влезе во преговарачката рамка. Се друго ќе прифатиме, еве заедно ќе излеземе од овој состанок и подготвени сме ние како ВМРО-ДПМНЕ да прифатиме“, нагласи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека со СДСМ имаат различни позиции и не можат да постигнат договор за национален консензус, бидејќи на средбата во Владата, лидерот на СДСМ Венко Филипче го информирал дека тој да може уште утре би го променил Уставот, потенцирајќи дека мекото ткиво кој што го има македонскиот идентитет се вика СДСМ.
„Јас со претседателот на СДСМ имав една средба во Владата кога дојде, кога ја отворивме таа тема и тој јасно кажува дека има различни позиции и дека тој би го сменил Уставот кога би можел уште утре, за него тоа не е никаков проблем. И кога имаме такви различни позиции, јас не гледам како ние би можеле да најдеме консензус. Но, тоа е тоа меко ткиво кој што го има македонскиот идентитет се вика СДСМ. И ние треба да сме мудри и трпеливи, тие ќе измислуваат, напаѓаат со лаги, ние треба да сме концентрирани и јас да знаеме каде одиме“, дециден е Мицкоски.