Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски: Платформа за следење на проектите финансирани од Владата ја симболизира заложбата за чесност и јавен надзор над сите инвестиции што ги реализираме

Мицкоски: Платформа за следење на проектите финансирани од Владата ја симболизира заложбата за чесност и јавен надзор над сите инвестиции што ги реализираме

Почитувани присутни,
Денес,  ја промовираме алатката важна во современото функционирање на државата – новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата. Ова не е само технички систем. Ова е чекор напред во политичката култура, чекор во модерното управување и силна порака дека државата што ја водиме е решена да биде отворена, отчетна и да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства. Оваа Платформа ја симболизира нашата јасна заложба за интегритет, чесност и јавен надзор над сите инвестиции што ги реализираме, без исклучок.
За првпат во историјата на Македонија воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секоја општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор, и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно, да го следи текот на проектите кои ги финансира Владата. Токму така треба да функционира една европска држава. Со оваа Платформа ја отвораме работата на институциите и воспоставуваме нова рамка на доверба, каде што јавноста не чека одговори – туку ги има пред себе.
Транспарентноста за нас не е формална обврска. Таа е суштинско демократско правило. Таа е основа на довербата. Основата на стабилноста. Основата на вистински одговорните политики. Во општество кое секојдневно се соочува со лажни наративи, дезинформации и манипулации, единствениот одговор е – отворена држава со отворени податоци. Затоа оваа Платформа е секундарно технолошки проект, а примарно – политичка порака: немаме што да криеме, затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните.
Посебно важно е што медиумите, како столб на демократијата, добиваат моќен алат. Со само неколку кликови ќе можат да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација. Ова значи вистинска поддршка на истражувачкото новинарство, на јавната отчетност и на информирано граѓанско учество. Ниту еден проект веќе не е „некаде таму“, скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив.
Дозволете да ги претставам резултатите, затоа што бројките најдобро зборуваат.
Од првиот јавен повик финансиран преку средствата што ги обезбеди владата, опфатени се вкупно 288 проекти со вкупна вредност од речиси 4,6 милијарди денари, односно близу 75 милиони евра. Денес можеме одговорно да кажеме дека сите 288 проекти се започнати. За сите се склучени договори со економски оператори. Тоа значи дека нема застој, нема празен пат. Работиме системски, со динамика, и без импровизации.
Од овие 288 проекти: 193 се целосно завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште 6 проекти тендерската постапка е завршена и нивната реализација започнува многу скоро.
Ова не се само бројки. Ова се нови улици, плоштади, водоводни и канализациски мрежи, нови паркови, фекални системи, нови спортски објекти, културни содржини, нови училишта и нови градинки. Ова се над 220 капитални проекти во инфраструктурата, над 40 проекти во животната средина, 7 во спортската инфраструктура, 5 проекти во културата, и над 10 значајни инвестиции во образованието. Тоа значи подобар живот, подобри услуги, подобра општина и подобра држава.
Паралелно, преку вториот јавен повик за финансирање на општините со унгарскиот кредит, опфатени се 828 нови проекти со вкупна вредност од 13,8 милијарди денари, односно повеќе од 225 милиони евра. И тука веќе гледаме силна динамика над 50 проекти се завршени или во финална фаза, а за над 500 проекти се потпишани договори за нивната реализација. Тоа значи дека државата ќе влезе во уште поинтензивен инвестициски циклус. Повеќе машини, повеќе градилишта, повеќе проекти и повеќе конкретни резултати за граѓаните.
Сето ова го правиме транспарентно, современо и одговорно. Оваа Платформа покажува дека јавните средства се под јавен надзор, дека институциите работат со јасни правила, дека општините имаат еднаков пристап, и дека Владата функционира со современи стандарди на отчетност и дигитализација.

Нашата цел не е само да градиме — туку да градиме чесно, видливо и мерливо. Нашата цел не е само да реализираме проекти — туку да воспоставиме нова култура на владеење каде секоја информација е достапна, секој чекор е документиран, а секое ветување е проверливо.
Денес, со оваа Платформа, ја отвораме следната фаза на институционална зрелост. Фаза во која државата не се брани со зборови, туку со податоци. Не се оправдува со изговори, туку со резултати. Фаза во која граѓаните се вистински контролори на јавните ресурси.
Ви благодарам што сте дел од овој процес. Ви благодарам што барате, проверувате и очекувате од нас најдобро. И можам да кажам оваа Влада ќе продолжи да работи на тој начин. Отворено. Одговорно. И во интерес на секој граѓанин на Македонија.
Ви благодарам.

https://www.youtube.com/watch?v=71nCfitNiqI

Мени за пристапност