Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски: Предлозите за министри што денес се пред вас се насочени кон обезбедување стабилност, функционалност и одговорност во работењето на Владата

Мицкоски: Предлозите за министри што денес се пред вас се насочени кон обезбедување стабилност, функционалност и одговорност во работењето на Владата

Почитуван претседател на Собранието,
 
Почитувани пратеници,
 
Дами и господа,
 
Денес пред вас го доставувам предлогот за избор на двајца министри, со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучни ресори од извршната власт.
 
За министер за животна средина и просторно планирање го предлагам Муамет Хоџа.
 
Кандидатот располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, со ангажмани во повеќе институции и со раководни позиции кои подразбираат одговорност, координација и работа во сложена административна и институционална средина. Неговото досегашно професионално искуство обезбедува познавање на процедурите, меѓуинституционалната соработка и потребата од усогласување на различни јавни политики.
 
Министерството за животна средина и просторно планирање има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, рационалното користење на просторот и заштитата на животната средина. За овој ресор е потребен пристап коишто ќе се темели на законитост, институционална стабилност и континуитет во работењето, што сметам дека кандидатот може да го обезбеди.
 
За министер за европски прашања го предлагам Беким Сали.
 
Беким Сали има претходно искуство како министер, како и тековен ангажман во законодавната власт, што му овозможува јасно разбирање на односите меѓу извршната и законодавната власт и на начинот на функционирање на државните институции. Ова искуство е особено значајно за Министерството за европски прашања, кое има координативна улога во процесите поврзани со европската интеграција и реформските обврски на државата.
 
Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите и следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи. Очекувањето е дека кандидатот ќе придонесе кон поефикасна координација и институционален пристап во овие процеси.
 
Дозволете ми тука да му се заблагодарам и на претходниот министер за европски прашања, г. Орхан Муртезани којшто со својата работа и со својот пристап додаде вредност врз работењето на Владата и евроинтегративниот процес на државата. Очекувам во тој дух и во таа насока да продолжиме а Орхан ќе биде дел од мојот кабинет во иднина и ќе го координира процесот на следење на исполнување на реформската агенда, нешто коешто е многу важно за интегративните европски процеси на државата.
 
Почитувани пратеници,
 
Владата што ја водам останува посветена на одговорно, транспарентно и законито вршење на својата работа. Наш приоритет е стабилно функционирање на институциите, доследно спроведување на реформите и создавање услови за подобар квалитет на живот за граѓаните. Секој член на Владата има јасна обврска да работи професионално, отчетно и во рамките на Уставот и законите, со цел да се обезбеди доверба во институциите и континуитет во државните политики.
 
Предлозите што денес се пред вас се насочени кон обезбедување стабилност, функционалност и одговорност во работењето на Владата. Од предложените кандидати се очекува своите функции да ги извршуваат професионално, во согласност со Уставот и законите, и во рамки на надлежностите утврдени со закон.
 
Ве повикувам да ги поддржите овие предлози.
 
Ви благодарам.

Мени за пристапност