Добар ден и од мене.
Сашо кажа се прилично прецизно и јасно.
Јас би сакал уште еднаш да посакам да што помалку се користат овие возила. Се разбира, колку помалку се користат тоа значи дека ќе имаме толку помалку случаи коишто треба да се третираат со овие возила. Но, онаму каде што е потребно убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно имајќи ја предвид опремата којашто ја поседуваат овие нови возила, 100 на број.
Би сакал исто така да кажам неколку работи коишто се многу значајни да се споменат и за здравството но, и генерално за политиките на Владата.
Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени, но она коешто е задача на оваа Влада е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање, не е сè решено со овие 100 возила, се разбира можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но не е сè решено.
Но, она коешто е значајно е дека приоритет по приоритет, проблем по проблем се решаваат. Овие 27-28 месеци, покрај нови 120 нови возила, коишто Министерството за внатрешни работи ги обезбеди после децениска негрижа таму, после оние стотина возила коишто ги доби „Пошта“, после оние 53 возила коишто се користат веќе во општините за чистење, за чистење на сметта, дојде редот и на овие 100 возила амбулантни, а многу скоро од денеска ќе имаме и нови 150 електрични автобуси коишто исто така ќе бидат распределени низ градовите во Македонија.
Сето ова можеби навидум не изгледа нешто многу големо и значајно но верувајте оној момент кога тоа ќе ви биде потребно сето ова коешто ние денеска го правиме и коешто го обезбедуваме ќе биде и те како значајно кога тоа ќе ви биде потребно, бидејќи до сега тоа го немало.
Сакам исто така да напомнам дека наш приоритет во периодот којшто следи се инвестициите во здравството и ќе продолжиме да инвестираме. Има многу за инвестирање, не можеме се да решиме можеби во еден цел мандат на една влада, но она коешто планираме во периодот којшто следи, а којшто веќе заедно со нашите партнери, финансиски институции го завршуваме во делот на здравството во преговорите, тоа се проектите коишто здружено Светска банка и Европската инвестициска банка ќе ги финансираат, а тоа е конечно Клиничкиот центар, односно клиничката болница во Штип, Здравствениот дом со проширена дејност Кичево и клиничката болница во Тетово.
Очекувам според последната мисија на Светска банка и Европската инвестициска банка, одобрување и формално да имаме некаде кон крајот на првиот квартал од следната година за финансирање на овие проекти. И ако биде се како што треба, веднаш потоа да биде објавен и тендерот, и ако биде се како што треба, очекувам првиот проект од овие проекти да почне да се реализира некаде таму крајот на вториот, почетокот на третиот квартал од следната година.
Низа проекти коишто со децении биле запоставувани или воопшто не се водело сметка, едниот за волја на вистината, отпочнат па заборавен, испокраден, уништен. И сега замислете вие кога ќе треба со проект којшто е започнат пред 15-20 години да го продолжите да го работите, а во суштина треба да размислувате што ќе се случува од денеска за 10-15 години во здравството. Значи, таа технологија којашто била пред 10-15 години, е сега веќе застарена, а замислете каква технологија треба да антиципирате што ќе се развива во следните 10-15 години.
Ние сме фокусирани при рестартирањето конкретно на проектот на клиничката болница во Штип за технологија којашто ќе биде апликативна во 2035-2040-тата година. Така што сето ова бара една правилна антиципација, работа со нашите стратешки партнери и ценам дека успеавме да дојдеме до некое решение коешто ќе значи додадена вредност во македонското здравство.
Се наоѓаме тука некаде помеѓу двете парцели коишто ги разгледуваме и за коишто преговараме за новиот клинички центар. Едната е пред овој базен којшто го гледате овде лево од нас којшто, исто така, беше оставен на забот на времето па сега се реконструира. А другата е позади овој тобоган којшто го гледате. Тоа се двете парцели отприлика каде што би требало да биде и новиот клинички центар. Очекувам до крајот на оваа година и тие преговори да ги завршиме.
Цениме дека ова место заедно со поврзувањето на постоечката „8 Септември“, Пет центарот и болницата, односно поликлиниката „Букурешт“, мислиме дека сето тоа ќе даде една убава симбиоза овде, еден убав центар.
А заедно со Општина Карпош работиме и на обезбедување нови паркинг места, бидејќи кога сето ова ќе функционира и кога сето ова ќе биде изградено, ќе има згушување и затоа планираме уште од сега како да го растеретиме и тој дел од предизвиците со коишто ќе се соочат жителите на овој дел на Градот Скопје.
Така што се планира, се работи, ако направите добар план, тоа значи 90 посто добро завршена работа, ако планот не ви е добар, тогаш ни работата нема да ви биде добра. Затоа ние се трудиме планот да биде добар.
Како и да е, уште еднаш нека ни се со среќа овие 100 нови амбулантни возила и ете уште многу проекти да реализираме во здравството. Јас благодарност сакам да изразам до министерот, кој со својата посветена работа, го истера овој проект и ги развива сите овие проекти за коишто претходно зборував, за луѓето од Министерството за здравство, за луѓето од мојот кабинет, за здравствените работници, за лекарите, за сите оние коишто имаат трпение, бидејќи навистина работат во услови понекогаш коишто се и натчовечки напори вложуваат да ги совладаат тие услови во коишто работат.
Знам колку е сето тоа тешко, но тие покажуваат дека не е невозможно, дека се е возможно, дури и во такви услови да се работи. Како Влада се трудиме и тоа да го олесниме.
Благодарност до пратениците од македонското Собрание, кои со својата работа, со своите амандмани, политиките коишто ги носат преку законите во македонското Собрание обезбедуваат побрза набавка и интервенирање во здравствениот сектор.
Благодарност на сите коишто учествуваат, ќе ми простите некој ако го заборавив.
Битно е дека имаме 100 нови амбулантни возила, нешто што би рекол одамна не е направено за здравствениот систем во Македонија и се надевам за нови 50, Сашо нели за тоа што зборувавме, ако биде се како што треба, би требало уште нови 50 да добиеме, веќе следната година. Но, за тоа потоа, ајде еве прво да ја изработиме и таа работа, па потоа и за тоа да се пофалиме.
Уште еднаш нека ни е со среќа и аирлија нека е.
Благодарам.