Почитувани министри,
Почитувани градоначалници,
Ценети претставници на меѓународните партнери,
Драги сограѓани,
Денес испраќаме силна и недвосмислена порака дека чекориме напред – од систем кој со децении беше запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.
Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад, правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните.
Оваа опрема не е само техничко средство. Таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад, како во урбаните, така и во руралните средини. Тоа значи дека секое населено место, секој граѓанин, добива еднаков третман и еднаква грижа од државата.
Со оваа инвестиција директно удираме по дивите депонии – по долгогодишниот проблем на неформално и неконтролирано исфрлање на отпад. Наместо хаос, воведуваме ред. Наместо импровизација, градиме систем.
Особено важно е што воспоставуваме услови за селекција на отпадот уште на изворот. Ова е културна промена, а не само техничка мерка.
Денес е изложен дел од предвидената опрема – возила и контејнери – наменети за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Ова е видлив и практичен доказ за вложувањата што ги правиме: десет камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони од 12 кубни метри, еден кипер-камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
Но, ова не е изолиран проект. Ова е дел од Регионалниот проект за управување со цврст отпад – прв национален потфат за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво, усогласен со европските директиви за отпад и депонии.
Проектот опфаќа изградба на три регионални санитарни депонии, санација и затворање на три постојни нестандардни депонии, изградба на претоварни станици, како и набавка на опрема и механизација за собирање и транспорт на отпадот, за вкупно пет плански региони во државата.
Особено значајно е што со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар. Тоа е регионален пристап што носи ефикасност, економска оправданост и долгорочна одржливост.
Финансиската конструкција на овој проект е пример за успешна соработка помеѓу државата и меѓународните партнери. Обезбедени се средства преку заем, грантови и поддршка кои заедно создаваат силна основа за реализација на еден од најкомплексните еколошки проекти во државата.
Со оваа инвестиција не исполнуваме само европски стандарди. Ние градиме држава во која чистата животна средина не е привилегија, туку право. Држава која мисли долгорочно. Држава која ги штити идните генерации.
Ова е доказ дека кога постои визија, одговорност и партнерство – резултатите се видливи, опипливи и корисни за секој граѓанин.
Продолжуваме посветено, систематски и одговорно. За почиста еколошки Македонија. За поздрав живот. За европска иднина.
Ви благодарам.