„Почитуван претседател на Европскиот совет, господине Кошта,
Почитувани претставници на медиумите,
Дозволете ми најнапред да му посакам добредојде на претседателот Кошта и искрено да му се заблагодарам за денешната посета, за разговорот и за вниманието кон нашиот регион, кон нашите предизвици, но и кон нашите очекувања.
Имавме отворена, искрена и суштинска средба.
Разговаравме за европската иднина, за состојбите во регионот, за реформите, економијата, владеењето на правото, институционалната трансформација, но и за едно многу подлабоко прашање- дали европската идеја и понатаму останува идеја што инспирира, обединува и создава доверба.
Нашата позиција е јасна.
Остануваме цврсто определени кон европскиот пат.
Не бараме привилегии. Не бараме олеснети правила. Не бараме нешто што не им припаѓа и на другите.
Бараме принципи и нормално кредибилен и предвидлив процес. Бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани.
Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните.
Но исто така, денес отворено разговаравме и за реалноста што ја чувствуваат многу наши граѓани.
После години чекање, компромиси, очекувања, исполнети барања и чести промени на политичкиот контекст, природно е да во одредена смисла чувствуваат поголема неизвесност, а од друга страна потребна е поголема извесност.
Токму затоа, денес е потребно лидерство. Потребна е јасност. Потребна е доверба.
Европа била најсилна тогаш кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности. Кога била простор на можности, правда и предвидливост.
Разговаравме и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отворање нови перспективи за младите генерации.
Затоа што европската интеграција не е апстрактна политичка тема. Таа за граѓаните значи поквалитетно образование, подобро здравство, ефикасни институции, сигурни работни места, повисок животен стандард и чувство дека иднината може да се гради дома, а не надвор.
Верувам во партнерски дијалог. Верувам во искрен разговор, меѓусебна почит и заемно разбирање.
Но, верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да се пречка за европската перспектива-тие се нејзин составен дел.
Сакам уште еднаш да му се заблагодарам на претседателот Кошта за денешната посета и за разговорот што го имавме.
Ќе продолжиме да работиме, да спроведуваме реформи, да испорачуваме резултати и да бидеме сериозен и конструктивен партнер.
Со трпение, со зрелост, со самодоверба и со јасна визија за иднината.
Убедени дека европската иднина може да биде успешна само ако е изградена врз доверба, заемна почит, принципи и чувство дека напредокот има смисла и вреди за секој граѓанин.
Ви благодарам.“