Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мицкоски пред Фон дер Лајен: Македонија ги исполнува обврските – време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања

Мицкоски пред Фон дер Лајен: Македонија ги исполнува обврските – време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања

Почитувана претседателке Фон дер Лајен,

Почитувани претставници на медиумите,

Дами и господа,

Ми претставува задоволство што денес повторно ја пречекуваме претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во еден важен момент за иднината на европското проширување, генерално европската иднина.

Присуството на претседателката во регионот и континуираната посветеност на неговата европска перспектива ги цениме високо.

Денешната средба беше отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина.

Разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија.

Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета!

Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел.

Истовремено, веруваме и дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции.

Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна.

Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила.

Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш и малку доцниме, но сепак ги завршуваме, како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија.

Почитувани,

Денес отворено разговаравме и за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед.

Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување.

Исто така, на денешната средба напоменав дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да заземе страна, бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања.

Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања.

Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа.

Нашата цел не е да го одложуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа.

Драги пријатели,

Нашиот европски пат, секако, не се сведува само на политичките прашања што го оптоваруваат процесот.

Најголемиот дел од нашата работа е дома: во институциите, во економијата и во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните.

Продолжуваме со реформите во владеењето на правото и јавната администрација.

Со подобрување на деловната клима.

Со дигитализацијата и реформите во образованието.

Реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава конкретни резултати и сакаме оваа динамика да продолжи.

Европската комисија оваа година позитивно ги оцени спроведените реформи, што овозможи натамошно користење средства од Планот за раст.

За нас е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство: преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите.

Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна.

Планот за раст е поставен токму врз оваа логика: постепено приближување кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економска конвергенција со Унијата.

Коридорот VIII е добар пример за тоа како европската интеграција изгледа кога од политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето.

Нашата амбиција е јасна: додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава.

Почитувана претседателке,

Денешната средба ја гледам како уште еден важен чекор во насока на поголема доверба, поотворен дијалог и поконкретна соработка со Европската Унија.

Нашата цел е јасна!

Нашата подготвеност за работа е неспорна и потврдена!

Нашите очекувања се разумни и засновани на европските принципи.

Сакаме процес што ќе се движи напред.

Што ќе создава резултати!

Што ќе им даде на граѓаните причина повторно силно да веруваат во европската перспектива.

Ви благодарам за денешната посета.

За разговорот!

И за личната посветеност кон нашиот регион.

Верувам дека со поголема вклученост и јасна политичка волја можеме да направиме реален исчекор.

Ви благодарам.

Мени за пристапност