Почитувани,
Сакам да ја информирам јавноста дека Владата од првиот момент кога беа добиени информациите за состојбата со водоснабдувањето во Гостивар реагираше брзо, координирано и институционално, со единствен приоритет, заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедно снабдување со вода.
Веднаш беа активирани сите надлежни институции, воспоставена е постојана координација помеѓу Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и останатите институции кои имаат надлежности во овој процес.
Паралелно со преземањето на мерките за заштита на населението, Владата одлучи да обезбеди 50.000 литри вода за граѓаните на Гостивар, со цел во ниту еден момент да не биде доведено во прашање снабдувањето и потребата на граѓаните, како и вчера така и во идните денови ќе продолжиме со оваа помош.
Во вакви ситуации, најважно е институциите да постапуваат брзо, одговорно и професионално. Токму тоа и го правиме, иако многу од надлежностите се под надлежност на локалната самоуправа . Но, исто толку важно е и да се утврдат причините за настанатата состојба.
Затоа, надлежните институции се на терен, се спроведуваат инспекциски контроли, се земаат примероци, се вршат лабораториски анализи и се прибира целокупната документација.
Очекуваме целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности кои довеле до оваа состојба. Било каква одговорност која ќе се утврди, институционална, службена или индивидуална таа ќе биде соодветно санкционирана.
Нема да има селективност, ниту компромис кога станува збор за здравјето на граѓаните.
Во оваа фаза најважно е јавноста да добива точни, проверени и навремени информации, без шпекулации.
За таа цел, денес со нас се министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, и директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски, кои ќе дадат подетални информации околу почетокот до денес какви се информациите со кои што располагаат владините институции.