Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Владата донесе Одлука за намалување на акцизите на бензинот и дизелот

Влада на Република Северна Македонија

Владата, на денешната седница, донесе Одлука со која се определува видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата.

Намалувањето на акцизите на бензинот и дизелот, како навремена мерка е насочена кон ублажување на последиците од растот на цените на светските берзи и заштита на животниот стандард на граѓаните.
 
Во изминатиот период е евидентен висок просек на котациите на суровата нафта и нафтените деривати на светските пазари. Владата континуирано ја следи состојбата, врши дневни анализи на движењата и останува целосно посветена на преземање навремени и активни мерки со кои ќе се ублажи притисокот врз граѓаните и стопанството.
 
Со донесената Одлука за намалување на акцизите се овозможува да се амортизира дел од ценовниот раст. Без оваа владина интервенција, согласно пресметките на Владата, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу 4 денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу 3 денари по литар.
 
Кај дизел-горивото, без донесената Одлука на Владата цената би се зголемила за околу 8 денари по литар, додека со намалената акциза се очекува покачување од околу 6 денари по литар.
 
Владата очекува Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со своите законски надлежности, да ја донесе одлуката за новите малопродажни цени на горивата, при што ефектите од владината мерка ќе придонесат граѓаните и понатаму да плаќаат пониски цени отколку што би биле без оваа интервенција.
 
Приоритет на Владата останува заштитата на стандардот на граѓаните, зачувувањето на економската стабилност и навременото реагирање во услови на нестабилности на меѓународните пазари. И во наредниот период внимателно ќе се следат сите движења на цените и, доколку околностите тоа го наложат, ќе бидат разгледани и дополнителни мерки во интерес на граѓаните и стопанството.

Мени за пристапност