Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со проф. д-р Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Невзат Елези, декан на Медицинскиот факултет во Тетово, проф. д-р Катерина Златановска, декан на Медицинскиот факултет во Штип и претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, ги презентираа новините во здравствениот систем преку унапредување на програмите за специјализации и супспецијализации.
-Новите програми се развиени врз основа на сеопфатни анализи на состојбите во системот, кои укажаа на тесна профилираност на кадарот, недоволна практична подготвеност – особено во ургентната и интензивната медицина – како и зголемен притисок врз терциерното здравство. Реформата има за цел и усогласување со современите европски образовни стандарди. Фокусот е ставен на интерната медицина и општата хирургија како клучни области за функционирањето на здравствениот систем. Со реформата се очекува подобрување на достапноста и квалитетот на здравствените услуги, намалување на упатите кон терцијарното ниво, зголемување на безбедноста на пациентите и поефикасно користење на човечките ресурси, посочи министерот Алиу.
Тој појасни дека во интерната медицина се воведува засилена практична обука, со акцент на ургентна медицина и интензивна нега, како и задолжителна обука за POCUS (point-of-care ултразвук), како стандардна вештина. Дополнително, се дефинираат минимални практични интервенции и се зголемува автономијата на специјалистите, со цел создавање кадар способен самостојно да управува со комплексни и итни состојби на секундарно ниво.
Во општата хирургија се воведува петгодишен, европски усогласен курикулум со широка хируршка основа и мултисистемски пристап. Се унапредува и системот на тријажа и се создава основа за натамошна супспецијализација, со цел обезбедување флексибилен и функционален хируршки кадар.