Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи вчера помина во прво читање на пленарна седница во Собранието. Ова е уште еден важен институционален чекор кон посилна заштита на јавното здравје, особено на децата, младите, непушачите и сите граѓани кои имаат право на здрав и безбеден јавен простор. Законот ја следи реалноста на денешното време, во кое покрај класичните цигари постојат електронски цигари, загреани тутунски производи и нови форми на никотински производи кои бараат современа и јасна регулатива, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Овој закон е за здравјето на граѓаните и за иднината на нашите деца. Со него се воведуваат појасни правила за терасите, поголема заштита во здравствените, образовните и детските установи, ограничувања за пушење во присуство на деца, како и сеопфатна забрана за рекламирање и промоција, вклучително и преку онлајн платформите и социјалните мрежи. Здравјето нема цена и нема алтернатива, додава министерот Алиу.