Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Андоновски од Кочани: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин

Андоновски од Кочани: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Кочани порача дека дигиталната трансформација мора да се спроведува рамномерно и да стигне до секоја општина и до секој граѓанин, преку конкретни и практични проекти што директно го подобруваат секојдневието.

На промотивниот настан за иницијативата WiFi4WB – WiFi за Западен Балкан, што се одржа во Театар „Бели Мугри“, министерот истакна дека целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност токму таму каде што граѓаните секојдневно се движат, учат, работат и се дружат – во јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции.

Во своето обраќање, министерот Андоновски нагласи:

„Кога бев тука претходно, зборувавме за потребата Кочани да добие бесплатни интернет зони и јасно кажавме дека овој регион ќе биде меѓу нашите приоритети. Денес со поддршка од нашите пријатели тоа го претвараме во дела.

Она што го ветивме – како и многу пати досега – го испорачуваме.

Со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен Wi-Fi во 64 општини низ државата. Тоа значи бесплатен интернет пристап во јавни простори – плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции – каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност.

Ова не е само удобност. Ова е алатка за еднакви можности:
за полесен пристап до дигитални услуги и информации,
за поддршка на учењето и образованието,
за помош на локалните бизниси и подобро искуство за посетители,
и најважно – за намалување на дигиталниот јаз и поголема социјална вклученост.“

Министерот посочи дека ваквите проекти се дел од пошироката заложба на институциите дигиталните услуги и можности да бидат подеднакво достапни, без разлика дали граѓаните живеат во Скопје или во помалите општини.

Во рамки на настанот се обратија и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, претставници на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Македонски Телеком. Беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ГИЗ и Општина Кочани, по што следеше и официјално активирање на WiFi мрежата.

Андоновски најави дека наскоро Кочани ќе добие нов Центар за услуги и дека Министерството продолжува со активности и проекти што ќе ја забрзаат дигиталната трансформација на локално ниво, со фокус на реални придобивки за граѓаните и општините низ целата држава.

 

Мени за пристапност