Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Андоновски од министерскиот состанок со Европската комисија: „Роаминг како дома“ е реална европска придобивка за граѓаните

Андоновски од министерскиот состанок со Европската комисија: „Роаминг како дома“ е реална европска придобивка за граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на министерски состанок помеѓу Европската комисија и министрите од Западен Балкан, посветен на иницијативата „Roam Like at Home“ — „Роаминг како дома“.

 

На состанокот, кој се одржа преку видеоконференциска врска, се разговараше за главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори во процесот и подготвеноста на земјите од Западен Балкан за пристапување кон режимот што треба да овозможи користење мобилни услуги во Европската Унија под услови како дома.

 

Во своето обраќање, министерот Андоновски истакна дека за Владата на Република Македонија и  Министерството за дигитална трансформација овој процес е од највисок приоритет.

 

„Роаминг како дома не го гледаме само како процес на усогласување на регулативата, туку како конкретна и многу видлива придобивка за нашите граѓани, бизниси, студенти, туристи и за пошироката економија. Нашата цел е јасна: да ја доближиме Македонија до дигиталниот единствен пазар на Европската Унија, да ги намалиме бариерите за нашите граѓани и компании и да обезбедиме придобивките од европската интеграција да се чувствуваат на практичен и директен начин“, порача министерот Андоновски.

 

Тој нагласи дека „Роаминг како дома“ има и практично и стратешко значење за државата. Практично, оваа иницијатива ќе значи пониски трошоци за граѓаните и компаниите, подобра поврзаност, полесна комуникација, патување и економска размена. Стратешки, таа претставува уште еден чекор кон интеграција во дигиталниот единствен пазар на Европската Унија и кон остварување опипливи придобивки од процесот на европска интеграција.

 

Министерот информираше дека Министерството за дигитална трансформација уште во август 2025 година подготви сеопфатен Акционен план, со кој беа дефинирани потребните чекори, институционалните одговорности и временската рамка за усогласување на националната рамка со релевантното acquis на Европската Унија во областа на роамингот и електронските комуникации.

 

Врз основа на извршените детални анализи, работната група подготви сеопфатен пакет, кој се состои од нацрт-закон за изменување на Законот за електронски комуникации, како и пет подзаконски акти од кои два правилници и три одлуки.

 

„Успешната имплементација на режимот ‘Roam Like at Home’  не бара само правно усогласување, туку и практична подготвеност и конструктивна соработка со телекомуникацискиот сектор. Затоа сите коментари беа внимателно разгледани како дел од подготовката на конечниот текст“, истакна Андоновски.

 

По јавната консултација, Владата го утврди текстот на предложениот пакет, и на крајот на февруари го достави на мислење до службите на Европската комисија. Министерството очекува потврда за нивото на усогласеност на предложеното законодавство, што ќе овозможи процесот да продолжи во следната фаза и да се интензивираат преговорите.

 

Министерството формираше и посебна работна група за преговорите, со цел да се обезбеди институционален континуитет, координација и подготвеност за следните чекори.

 

„Македонија постигна значителен напредок за релативно краток временски период. Подготвивме Акционен план, ги формиравме потребните работни групи, завршивме четири детални анализи, подготвивме законодавен и регулаторен пакет, спроведовме јавни консултации, целосно ги вклучивме операторите, ги разгледавме добиените коментари и го доставивме пакетот за мислење. Ова ја покажува нашата силна политичка волја, институционална посветеност и техничка подготвеност да го движиме процесот напред“, нагласи министерот.

 

Министерството за дигитална трансформација останува целосно посветено на следните чекори и на продолжување на тесната соработка со Европската комисија и со сите релевантни партнери. Очекувањето е, по добивањето на мислењето за предложената правна рамка, преговорите да продолжат без одложување, во дух на транспарентност, партнерство и заедничка посветеност.

 

„Роаминг како дома“ е конкретна европска придобивка што граѓаните ќе ја почувствуваат директно преку помали трошоци, полесна комуникација, подобра поврзаност и повеќе можности за граѓаните и бизнисите.

 

Мени за пристапност