Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Сали на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција: Европската интеграција отвора нови можности за инвестиции, развој и економски партнерства

Сали на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција: Европската интеграција отвора нови можности за инвестиции, развој и економски партнерства
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција во Истанбул, каде ја истакна важноста од продлабочување на економската соработка и создавање нови партнерства меѓу двете земји.
Во своето обраќање, Сали нагласи дека Северна Македонија и Турција негуваат исклучително блиски и пријателски односи изградени врз доверба, заемна почит и долгорочно партнерство.
Тој истакна дека Турција е еден од најзначајните економски партнери на државата, со значајно присуство на турски компании во индустријата, инфраструктурата, банкарството, образованието и туризмот, кои придонесуваат за економскиот развој и отворањето работни места.
Осврнувајќи се на владините приоритети, министерот Сали потенцираше дека Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставуваат значајна можност за економски напредок и поголема конкурентност.
„За првпат европската интеграција е директно поврзана со конкретни инвестиции, економски раст и постепена интеграција во Единствениот европски пазар. Тоа создава нови можности за компаниите, инвеститорите и граѓаните“, истакна Сали.
Тој ги охрабри турските компании активно да ги искористат можностите што ги нудат ИПА фондовите, Планот за раст на ЕУ и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), посочувајќи дека Коридорите VIII и X остануваат стратешки инфраструктурни проекти од регионално значење.
Сали нагласи и дека постои голем потенцијал за соработка во обновливите извори на енергија, дигиталната трансформација, иновациите, современите технологии и производствениот сектор, оценувајќи дека европската интеграција претставува процес на модернизација, конкурентност и просперитет.

Мени за пристапност