Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во интервју за Алсат-М истакна дека инфлацијата е во стабилна состојба и дека инфлациските притисоци се намалени во споредба со претходните периоди.
„Податоците на ДЗС покажуваат дека инфлацијата е 2,6 проценти. Има инфлација, но притисокот е намален во споредба со почетокот на мандатот, кога инфлацијата достигнуваше 4 проценти и повеќе, додека пред три или четири години изнесуваше од 8 до 10 проценти. Чекорите што ги презедовме ја стабилизираа состојбата“, истакна Дурмиши.
Говорејќи за буџетот, министерот нагласи дека тој е стабилен и дека платите во јавниот сектор и пензиите ќе продолжат редовно да се исплаќаат до крајот на годината.
Дурмиши се осврна и на движењето на минималната плата во однос на трошоците за храна и пијалаци. Според него, во изминатите две години зголемувањето на нето минималната плата било повисоко од зголемувањето на овие трошоци.
Министерот оцени дека економската состојба е подобрена во споредба со претходните години и изрази очекување дека подобрувањето ќе продолжи и во следните две години.
„Нето минималната плата е зголемена за околу 4 илјади денари, додека трошоците за храна и пијалаци се зголемени за нешто повеќе од 3 илјади денари“, рече Дурмиши.