Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Дурмиши: Над 40 милиони евра за нови работни места, претприемништво и обуки

Дурмиши: Над 40 милиони евра за нови работни места, претприемништво и обуки

Владата на Република Северна Македонија на својата последна седница го усвои Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година, со кој се обезбедуваат над 2,4 милијарди денари, односно повеќе од 40 милиони евра за поддршка на вработувањето, претприемништвото и развојот на човечкиот капитал.
 
На денешната прес-конференција, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Аднан Ејуп, ги презентираа мерките и програмите предвидени со Планот, кој годинава ќе опфати повеќе од 10.000 граѓани.
 
Министерот Дурмиши истакна дека Оперативниот план претставува една од најзначајните економски и социјални политики на Владата, насочена кон отворање нови работни места, поддршка на младите, развој на претприемништвото и обезбедување поголема вклученост на ранливите категории граѓани на пазарот на трудот.
 
„Со овој план инвестираме директно во луѓето. Обезбедуваме конкретна поддршка за младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис, за компаниите кои отвораат нови работни места, за лицата кои имаат потреба од нови вештини и квалификации, како и за ранливите категории граѓани. Нашата цел е економскиот раст да се преточи во нови можности за работа и подобар животен стандард“, истакна министерот Дурмиши.
 
Посебен акцент во Оперативниот план е ставен на развојот на претприемништвото и самовработувањето. За оваа намена предвидена е поддршка за над 2.000 лица преку мерките за самовработување, вклучително и за млади лица до 29 години, лица над 29 години и здружување на корисници во трговски друштва. Преку овие мерки се обезбедуваат грантови до 615.000 денари за основање сопствен бизнис, како и поддршка до 1.230.000 денари за здружување на повеќе корисници во заеднички бизнис. Со овие средства Владата директно инвестира во отворање нови компании, поттикнување на претприемачкиот дух и создавање нови работни места, особено кај младите луѓе, како и средства за практикантство, обуки за дефицитарни занимања, јавни работи, економија на грижа и младински додаток.
 
Годинава се воведуваат и нови мерки, меѓу кои програмата за обука и работно ангажирање на пожарникари, пилот-мерка за валидација на стручни квалификации на невработени лица, како и пилот-мерка за стручни квалификации во областа на транспортот и тешките товарни возила, согласно потребите на пазарот на трудот.
 
Носител на Оперативниот план е Министерството за економија и труд, а неговата имплементација ќе ја спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во соработка со надлежните институции и партнери.
 
Со Оперативниот план за 2026 година Владата продолжува со активни политики за поттикнување на вработувањето, поддршка на домашната економија и создавање услови за одржлив економски развој и повисок животен стандард на граѓаните.

Мени за пристапност