„Економско-социјалниот совет го подигнуваме на повисоко, стратешко ниво, по примерот на европските практики, каде социјалниот дијалог е клучен во креирањето на политиките“, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
На последната седница се отворени важни прашања што директно ги засегаат работниците, работодавачите и граѓаните, при што фокусот ставен на конкретни мерки и законски решенија.
Министерот посочи дека е разгледан Годишниот извештај за работата на Советот за 2025 година, со акцент на постигнатите резултати и потребата од дополнително унапредување на социјалниот дијалог.
Во однос на младинските политики, Дурмиши истакна дека Предлог-законот за младински додаток претставува значајна мерка за поддршка на младите, нивно задржување во државата и поттикнување на економската активност.
На седницата се дискутираше и за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, особено во делот на бенефицираниот стаж, со цел обезбедување поправеден и поодржлив систем за работниците во ризични професии.
„Со Оперативниот план за вработување за 2026 година предвидуваме околу 40 милиони евра директна поддршка за самовработување, отворање нови работни места и обуки, што ќе придонесе за намалување на невработеноста“, истакна Дурмиши.
Воедно, министерот отвори и дебата за Предлог-законот за заштита од пушење, а беше разгледан и извештајот за работењето на Агенцијата за вработување.
„Остануваме посветени на креирање инклузивни, одржливи и фер политики во интерес на граѓаните, работниците и бизнис заедницата“, порача министерот Дурмиши.