Конфликтот во Блискиот Исток може да има сериозни импликации врз економијата и во Македонија. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во Бизнис21 вечерва рече дека секојдневно се следат настаните, и како Влада се подготвени да реагираат доколку се продлабочи кризата.
„Во врска со актуелната војна во Иран, сакам да порачам дека ја следиме состојбата на дневна основа. Глобалните кризи секако ќе влијаат и врз нашата земја, и подотвени сме да реагираме. Сега е рано да се прогнозира колку ќе трае кризата и каков ќе биде економскиот импакт. Дел од меѓународните анализи покажуваат дека ако трае кратко конфликтот, ситуацијата ќе се стабилизира. Ако не, ќе имаме последици, но ќе реагираме како Влада со маржи. Односно, ограничување на маржите на 10% и на 5%. Ако кризата потрае уште повеќе, тогаш ќе одиме на замрзнување на цените на основните прехранбрени производи“, изјави Дурмиши и додаде:
„Доколку се случи да се продлабочи кризата, тогаш сите администраивни процедури до крај ќе ги употребиме за да им излеземе во пресреет на граѓаните“, заврши министерот.