Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Дурмиши: Со новите мерки обезбедуваме директна поддршка за малите бизниси, занаетчиите и преработувачката индустрија

Дурмиши: Со новите мерки обезбедуваме директна поддршка за малите бизниси, занаетчиите и преработувачката индустрија

Министерството за економија и труд денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста за 2026 година.

За реализација на оваа мерка се обезбедени 11,34 милиони денари, а поддршката ќе се реализира преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари по барател.

„Со оваа мерка директно им помагаме на домашните компании и занаетчии да инвестираат во модернизација, нова опрема и зголемување на продуктивноста. Нашата цел е да создадеме поконкурентна домашна економија и да обезбедиме реална поддршка за малите бизниси, кои се двигател на економскиот раст“, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Право на учество на јавниот повик имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно Законот за занаетчиство.

Поддршката се однесува на трошоци направени во текот на 2025 и 2026 година, а сите апликанти кои ќе ги исполнат условите утврдени во јавниот повик ќе бидат опфатени со мерката.

Министерството за економија и труд најави и два нови јавни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.

Првиот повик се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, за што се обезбедени 2 милиони денари. Компаниите ќе можат да добијат кофинансирање до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 200 илјади денари.

„Преку воведување меѓународни стандарди им помагаме на компаниите полесно да се позиционираат на странските пазари, да ја зголемат конкурентноста и да станат дел од глобалните синџири на добавувачи“, истакна Дурмиши.

Вториот јавен повик е наменет за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 500 илјади денари по проект.

„Инвестицијата во знаење, истражување, иновации и соработка меѓу бизнисот и академската заедница е клучна за технолошки развој, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со повисока додадена вредност“, соопшти министерот Дурмиши.

Сите детали за јавните повици, условите и потребната документација ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

Крајниот рок за аплицирање за јавниот повик за микро, мали и средни претпријатија и занаетчии е 30 јуни 2026 година.

Мени за пристапност