Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата нотира позитивни движења во макроекономските показатели, како и активности за унапредување на управувањето со јавните финансии, спроведувањето на Законот за буџети и зајакнувањето на системите за финансиска контрола.
Во делот на макроекономските движења, Извештајот посочува, дека eкономскиот раст се забрза во 2025 година, поттикнат од силните инвестиции и приватната потрошувачка. Резултатите беа особено добри во градежништвото и во ИКТ-услугите, што делумно се должи на интензивирањето на јавните работи на патната инфраструктура додека приватните инвестиции имаа корист од корпоративните кредити субвенционирани од Владата.
Позитивни движења се забележуваат и кај показателите за јавниот долг, кој на крајот на 2025 година бележи намалување од 2 процентни поени во однос на претходната година.
Во однос на фискалните движења, Европската комисија констатира дека буџетскиот дефицит во 2025 година изнесувал 4% од БДП, согласно планираното.
Во насока на имплементација на Законот за буџети, како што се нотира во извештајот донесени се повеќе подзаконски акти со кои се создаваат услови за понатамошно унапредување на буџетскиот процес и управувањето со јавните средства.
Донесена е Фискалната стратегија со среднорочни проекции. Дополнително, подготвена е и Стратегијата за управување со јавниот долг со среднорочни проекции, со што се унапредува транспарентноста, се зајакнува предвидливоста и се овозможува поефикасно справување со предизвиците што произлегуваат од надворешното економско окружување.
Воедно, во извештајот исто така се констатира дека Секторот за управување со јавни инвестиции при Министерството за финансии развило привремено ИТ-решение, односно база на податоци за евидентирање на проектите и следење на нивната финансиска реализација.
Позитивно се оценети и напорите да се развие посистематски пристап кон оценувањето и приоритизацијата на проектите, вклучувајќи и подобро следење на распределбата на буџетот и усогласување со стратешките приоритети.
Европската комисија го нотира и напредокот во воспоставувањето и унапредувањето на системот на јавна внатрешна финансиска контрола. Во таа насока, донесени се два подзаконски акта за спроведување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, а воведена е и нова методологија за идентификување, известување и следење на оперативните и стратешките ризици. Според Извештајот, до крајот на 2025 година, 76% од буџетските корисници на централно ниво имале воспоставено системи за управување со ризици согласно новата методологија.
Дополнително, се посочува улогата на Централната единица за хармонизација во обезбедувањето методолошки насоки и координацијата на системот на јавна внатрешна финансиска контрола. Реформите во оваа област се вградени и во Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2025–2028 година.
Во рамки на Реформската агенда, Европската комисија заклучно со јуни 2026 година исплатила 142,1 милион евра, вклучително и средствата од претфинансирањето.
Тие се однесуваат на повеќе значајни области, меѓу кои дигиталната трансформација, унапредувањето на финансиската контрола, подоброто управување со претпријатијата во државна сопственост и подобрувањето на квалитетот на образованието.
Министерството за финансии продолжува со активностите за модернизација на системот на јавни финансии, зајакнување на финансиската контрола и унапредување на управувањето со јавните средства.
Целта е обезбедување поголема транспарентност, отчетност и ефикасност во користењето на јавните ресурси, како и одржливост на јавните финансии и забрзување на усогласувањето со европските стандарди.