Во изминатата година Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини реализираше една од најобемните реформски и инвестициски агенди во областа на енергетиката, рударството и управувањето со природните ресурси, поставувајќи цврсти темели за поголема енергетска сигурност, економски развој и подобар животен стандард на граѓаните.
Во периодот јуни 2025 – јуни 2026 година Министерството работеше на повеќе од 700 домашни и меѓународни активности, средби и настани, при што паралелно се спроведуваа крупни законски реформи, стратешки инфраструктурни проекти и политики за зелена и праведна енергетска транзиција.
„Ова беше година на резултати. Година во која создадовме нови закони, започнавме историски инфраструктурни проекти, обезбедивме значајна меѓународна поддршка и воведовме ред, план и транспарентност во секторите кои се од суштинско значење за развојот на државата“, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Реформи и европски стандарди
Еден од најзначајните резултати е донесувањето на новиот Закон за енергетика, целосно усогласен со европското законодавство и позитивно оценет од Енергетската заедница. Истовремено, усвоен е Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025-2030, со кој се предвидени 61 конкретна мерка за декарбонизација и енергетска транзиција.
Паралелно се работеше на новите законски решенија за обновливи извори на енергија, рударство, геологија и јавно-приватни партнерства, со цел создавање современа и предвидлива регулаторна рамка за граѓаните и инвеститорите.
Реформски напредок (2024 vs 2025/2026):
- Пазари и пазарна интеграција: Рaст од 54% на 61%.
- Сигурност во снабдување: Рaст од 21% на 41%.
Историски инфраструктурни проекти
Во областа на нафтата и природниот гас беа реализирани значајни активности за зголемување на енергетската безбедност на државата.
По 13 години повторно беше ставен во функција продуктоводот Солун-Скопје, започна изградбата на гасната интерконекција со Грција, објавен е тендер за интерконекцијата со Србија, а Македонија стана дел од регионалниот проект „Вертикален коридор“. Изработена е и национална Проценка на ризик во снабдувањето со гас согласно европската регулатива.
Обновливи извори и батериски системи – енергијата на иднината
Министерството воспостави нов модел на планирање на инвестициите преку Годишните планови за изградба на енергетски објекти за 2025 и 2026 година.
Само за Планот за 2027 година до Министерството пристигнаа повеќе од 800 иницијативи од приватни и државни инвеститори. Воспоставен е ГИС систем за дигитализација на постапките за ветерна енергија, исплатени се над 50 милиони денари поддршка за производство на енергија од обновливи извори, а батериските системи за складирање на енергија станаа столб на новата енергетска политика.
- Воспоставена обврска за батериски системи за складирање на енергија.
- Подобра интеграција на соларни и ветерни електрани.
- Поголема сигурност на електроенергетскиот систем.
- Намалување на загубите и балансирачките трошоци.
- Поддршка на енергетската транзиција и декарбонизацијата
Рударство и геологија – одржливо управување со природните богатства
Во рударството и геологијата се воспостави нов пристап заснован на одржливост, контрола и стратешко управување. За првпат формиран посебен Сектор за геологија, за стратешко управување со геолошките истражувања и критичните минерални суровини. Донесена е првата Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини 2026–2046
Активно се управува со 284 рудници, воведен е модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола, а значително се зголемени приходите од концесиски надоместоци. Раст од над 200% на приходите од концесии по основ на експлоатирана и продадена минерална суровина.
За првпат се регулира и статусот на македонскиот рубин и другите скапоцени и полускапоцени камења.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на брифинг со новинарите соопшти дека е заокружен процесот на институционална заштита на македонскиот рубин како минерал со географко потекло - македонски, Со оваа одлука, македонскиот рубин добива статус на заштитено национално минерално наследство.
Праведна транзиција и енергетска ефикасност
Министерството воспостави функционален систем за праведна транзиција и механизми за следење на реализацијата на мерките предвидени со националните политики.
Во областа на енергетската ефикасност беше усвоен Тригодишен план за реновирање на јавните објекти, програма со буџет од 11 милиони евра, насочена кон комплетна реконструкција на објекти со висока потрошувачка на енергија. Проектот вклучува 14 големи згради во кои моментално се сместени дури 33 државни институции. Започна воспоставувањето на Национален инвентар на јавни згради, донесена е Уредба за ЕСКО моделот, а обезбедени се значајни средства за нови инвестиции во оваа област (одобрени 50 милиони евра за енергетска ефикасност)
Меѓународно позиционирање на Македонија
Во текот на изминатата година Македонија беше домаќин на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), на кој учествуваа над 1.000 претставници од повеќе од 70 држави и над 150 меѓународни експерти.
Истовремено беа воспоставени нови стратешки партнерства, меѓу кои и Меморандумот за разбирање со Соединетите Американски Држави за безбедност на снабдувањето со природен гас, со Хрватска за поголема регионална енергетска поврзаност. Обезбедени се и 5,2 милиони евра ИПА средства за развој на енергетскиот сектор.
Конкретни резултати за граѓаните
Покрај стратешките реформи, Министерството обезбеди и директна поддршка за ранливите категории граѓани преку:
· 4.070 ваучери за инвертер клима уреди;
· 148,8 милиони денари поддршка за ранливи потрошувачи;
· Донесена Методологија за мерење на енергетска сиромаштија
Правна заштита на државните интереси
Преку воведување на механизми за целосна транспарентност и ревидирање на договорите, се стави крај на неодговорното управување и воспоставивме бескомпромисна правна заштита на државните ресурси и јавниот интерес. Покренати 25 постапки за наплата на побарувања во вредност од над 10 милиони денари. Добиени судски пресуди во корист на Министерството во износ од над 1,5 милиони денари. Намален финансиски ризик за над 380 милиони денари - од судски побарувања.
Донесени измени и дополнувања на Законот за возила и подготвени нови подзаконски акти.
Дигитализација и отворено Министерство
Министерството реализираше значајни проекти за дигитална трансформација, со воведување на ERP, GIS и DMS системи, нови електронски услуги за граѓаните (аплицирање за субвенции), како и современи системи за сајбер.
Во областа на транспарентноста и комуникацијата, министерството сите информации ги објавува транспарентно на веб сајтот, реализирани се повеќе од 300 соопштенија, интервјуа и јавни настапи, организирани се бројни прес-конференции и теренски активности, а сите 58 пристигнати барања за слободен пристап до информации од јавен карактер се обработени и навремено одговорени.
Зајакната соработка
Преку постојан дијалог со бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, научната јавност и локалните самоуправи, се изгради отворено и инклузивно Министерство кое решенијата ги носи заедно со сите општествени чинители.
Покрај постојните меморандуми за соработка, изминатата година се потпишаа меморандуми меѓу Министерството за енергетика и УНДП, со македонското друштвото на геолози „Геолог“.
Вратите на Министерството отворени за студентите – потпишан Меморандум со Машинскиот факултет, со Технолошко-металуршкиот факултет и ФИНКИ. Министерството е отворено за студентска пракса.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на реализацијата на реформската агенда, завршувањето на стратешките инфраструктурни проекти, понатамошната интеграција со европскиот енергетски пазар и создавањето сигурна, модерна и европска енергетска иднина за Македонија.