Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Информација по обвинувања од политичка партија за наводно непочитување на етничка застапеност

Влада на Република Северна Македонија

Министерството за одбрана ја информира јавноста дека на годинешниот конкурс за прием на 29 питомци на воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се пријавени вкупно 99 кандидати.

Во наведениот рок за пријавување заклучно со 17.06.2026 година од вкупно пријавените кандидати, 2 (двајца) се од албанска етничка припадност, 1(еден) е Ром, 1 (еден) е Влав и 95 се Македонци.

За 29 места на Воената академија, во процесот на селекција вкупно 46 лица ги поминале критериумите наведени во Конкурсот. Од двете лица од албанска припадност едниот се откажал, а вториот според ранг листата завршил на 43. место.

Прелиминарна ранг листа  https://ma.edu.mk/sites/default/files/medika/doc/preliminarna-rang-lista.pdf 
Конечна ранг листа https://ma.edu.mk/sites/default/files/medika/doc/ilovepdf_merged.pdf 

Ваквите популистички и паушални обвинување кои доаѓаат од партија и се со етнички предзнак водат само кон меѓуетничка нетрпеливост, а не разумно прикажување на фактите.

За да постои и се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓани кои се од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци на Воената академија. Истовремено, нема да отстапиме ниту од принципот во Армијата да бидат примени најдобрите од најдобрите затоа што станува збор за кадар кој е задолжен со она што сите нам ни е најважно – безбедност на државата и сигурност на граѓаните.

Целата постапка е транспарентна, од моментот на објавување на огласот, кој покрај тоа што се објавува во два дневни весници на македонски и албански јазик, се објавува и на веб страната на Министерството за одбрана на двата јазици, соопштение до јавноста доставено до сите медиуми како и објави на социјалните медиуми на Министерството за одбрана и на Воената академија.

Министерството ќе продолжи високо да ја вреднува правичната и соодветна застапеност, затоа што таа е придобивка и за одбраната и за Армијата. Начинот како се валоризира трудот на секој еден професионалец во Армијата е видлив од најниската до највисоката позиција во Армијата, вклучувајќи ја и позицијата заменик-началник на Генералштабот на Армијата.

Мени за пристапност